Божествена Литургија во црквата „Светите Методиј и Кирил“ во Струмица
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во црквата „Светите Методиј и Кирил“ во Струмица (10.01.2019 15:23)

Денес, на празникот на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, во црквата „Светите Методиј и Кирил“, Струмица, викарниот Епископ г. Јаков Полјански отслужи Божествена Литургија, на која верните се причестија со Светите Тело и Крв Христови. Во таа прилика, Владиката Јаков се обрати со следното слово:

            „Денес го славиме првиот маченик Христов во овој свет. Од Светите отци и од сите што Го посведочија Христос низ историјата примивме дека зборовите на еден подвижник се апсолутна вистина – дека христијански не може да се живее, оти да живееш христијански значи да го живееш животот Христов и да ги достигнеш Неговите раст и мера (види: Ефес. 4, 13). Тоа е невозможно за човекот. Овој свет отец вели дека христијански не може да се живее, туку само да се умре.

            Затоа е важен споменот на светите маченици, во првите векови на Црквата, но и сега за нас – важен е за постоењето на Црквата и на христијанството, затоа што маченичкиот етос се провлекува во секој сегмент од нашиот живот. Што и да претрпиме, тоа не е ништо друго, туку акт на нашата љубов кон Бог. И кога правиме метании, и кога постиме, ние не компензираме за нашите гревови. И за само еден сторен грев на човекот му е малку целиот живот за да се покае ако не постои милоста Божја. Но, со сите овие подвизи ние покажуваме колку Го љубиме Бог.

Затоа, без маченичкиот етос е невозможно да се живее во Црквата и да се остане христијанин. Маченички етос е да ги љубиш непријателите. Мачеништво е да се молиш за оние што те погубуваат и те убиваат, и да велиш: „Господи, не примај им го ова за грев“. Многу луѓе пострадале и биле убиени, кој „праведно“, според човечката правда, а кој неправедно, но не се маченици. Разликата меѓу нив и овој маченик што го празнуваме денес се неговите последни зборови на издивнување: „Господи, не примај им го ова за грев“ (Дела 7, 60).

Имаме можност да бидеме маченици Христови – во секоја минута, во секоја секунда од нашиот живот. Мачеништво е да се избориш со една лоша помисла, со помисла на завист, со блудна помисла. Секој од нас знае низ каква агонија поминува во својата духовна борба за да се избори само со една и единствена помисла за таа да не се спушти во срцето. Да се подвизуваш значи да бидеш маченик. Многу е лесно да се предадеш на наслада, но само мачениците имаат удел во Царството Небесно.

Ако велиме дека Го љубиме Христос, таа љубов мора да ја посведочиме на дело, а таа љубов секогаш е страдална љубов. Таа љубов секогаш се жртвува себеси и секогаш се принесува на жртва. Христијанската љубов нема ништо со сентименталната љубов на овој свет. Затоа, да останеме Христови, подражаватели, браќа и пријатели на светиот првомаченик Стефан. Искрено да се помолиме и да се надеваме на неговите свети молитви нашите несигурни и мали чекори да не отстапат од тесниот пат што води кон Царството Божјо, а тоа е патот на мачеништвото.

Христос се роди!“

(според записот на присутните)