Што е разликата помеѓу опсесија, илузија, прелест и помисла?
 
 
 
 
 

Што е разликата помеѓу опсесија, илузија, прелест и помисла? (15.11.2020 16:51)

Сум пишувал и порано на оваа тема, но изгледа дека повторно има потреба. Ајде да ја проследиме демонската помисла на славољубието, на гордоста, на високото мислење за себеси, од почеток до крај; додека да стане опсесија.

Најпрво треба да се потсетиме дека има разлика помеѓу човечката мисла или ангелската или Божјата, наспроти демонската мисла, што ја нарекуваме помисла. Всушност, нас нѐ интересира дали мислата што во нашата умствена сфера ни доаѓа е од страна на Бог или е демонска, односно како тоа да го разликуваме?

Постои еден општ, прв начин за препознавање на мислите, дали се правилни според Бог или не, а тоа е – дали се согласни со Евангелието на нашиот Господ Исус Христос или не. Втората проверка е дали се во согласност со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, како и со местото што го имаме во Црквата. Третата проверка е дали се согласни со нашето послушание. На пример, нешто може да ни изгледа побожно, ние да имаме некаква позиција да го оствариме, но може да не е согласно нашето послушание. Секоја мисла треба да ги помине и трите проверки.

Ова е многу важно потсетување во моменти кога некои „христијани“ си го толкуваат Евангелието како сакаат, восогласеноста на начинот на својот живот со степенот на духовниот развој – сосема ја отфрлиле, а како на такви кои духовно се самораководат – внатрешното послушание им е сосема туѓо.

А послушанието е кон Светиот Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, односно оттаму е насоката; а се пренесува на „терен“ од Епископот на локалната Црква, преку чие слово се проверуваме дали сме, или не, во послушание. Замислете на што би личела Црквата и дали воопшто би постоела ако секој си правел што си сакал.

Демонската помисла ја препознаваме по тоа што е настојчива, се повторува и сака насилно да се пробие и наметне во нашата мисловна сфера. Ни носи немир и темнина, кои зависат од постепеното, или од конечното, повлекување на Божјата благодат. И ни носи, тоа што Светите отци на Црквата го нарекуваат, запалена крв, возбуда – посебно ако ја прифатиме. Демонската помисла нѐ вади од послушание кон Црквата.

За разлика од демонските, мислите што ни доаѓаат од Божјата страна се суптилни, смирени, срамежливи, не сакаат да ја нарушат нашата слобода, а ни носат, главно, смиреност, покајание и плач. Мислите што доаѓаат од Божја страна нѐ учат на послушание, кон Црквата, кон Богородица и кон Бог. Тоа не се мисли што нѐ затупуваат, да не разликуваме добро од зло, туку мисли кои нѐ учат како да ги покриеме несуштинските грешки на ближните и да го сочуваме мирот во Црквата.

Прелеста се појавува и нѐ опфаќа во оној момент кога ќе се согласиме со демонската помисла и ќе ја прифатиме во нашето срце, а кога благодатта ќе отстапи од нас. Надвор од благодатта Божја сѐ е прелест. Значи, клучен е моментот на прифаќање на помислата, зашто тогаш прелеста добива доминантна и одлучувачка сила над нашето срце како духовен центар, а благодатта Божја се повлекува.

Основа на прелеста се неочистените страсти од срцето (славољубие, среброљубие, сластољубие), а посебно славољубието. Славољубието или гордоста, или суетата, или високото мислење за самите себе, тоа е таа страст-прелест која, за разлика од другите две, доволно се чисти од нашето срце дури откако ќе го добиеме дарот на умно-срдечната молитва и просветленоста на умот. Сѐ дотогаш, ние сме нејзини заробеници.   

Сите се наоѓаме во прелест – кој помалку, кој повеќе. Најголем проблем кај прелеста е тоа што таа нѐ одделува од Божјата благодат и реалност, и ѝ го отвора патот на илузијата. Што е разликата помеѓу прелеста и илузијата?

            Ако прелеста е нешто како неостварена илузија, како илузија во можност, како пасивна илузија, како лага која со умот и срцето сме ја прифатиле, но која немала услови да се оствари и притаено чека, тогаш илузијата е прелест која добила можност и започнува да се остварува – прелест која стапува во акција. Тенка е линијата помеѓу прелеста и илузијата.

Илузијата не ни ги залажува само умот и разумот како прелеста, туку и самите чувства и целото тело. Делува како опиеност. Што е најлошо, поради илузијата ја губиме и силата да му се спротивставиме на гревот и правиме нешто што никогаш не сме имале намера да го направиме, односно, потоа, откако ќе помине нејзиното активно дејство, многу се чудиме како сме можеле таков грев да направиме.

Илузијата нѐ тера на акција; посебно кога имаме реална можност за истата. Илузијата, а посебно од областа на славољубието – што е наша тема денес, си бара и потврда, бара да е прифатена; бара да дојде до израз, бара влијателност. Додека среброљубието и сластољубието, кај оние што имитираат духовен живот, сакаат да останат скриени, илузијата на славољубието има потреба да се распространи, да го шири своето влијание, да стане општоприфатена, и затоа од својот носител сака да направи медиум (преносник), сака што повеќе да го прослави. Високоумието е почеток на најопасната демоноопседнатост.

Кога се отвори можноста за прелеста на високоумието, гордоста и суетата лесно да се претвори во илузија, а истовремено нејзиниот носител во демонски медиум? Со појавата на социјалните мрежи славољубието го доби својот клучен инструмент за пројава во димензии на илузија и опсесија. И самите сте сведоци на реалноста: порано, само домашните и најмногу комшиите знаеја дека некој дома има религиозно растроена личност, а сега може да знае целиот свет.

            Освен што е многу лесно забележлива – од страна гледајќи, илузијата на славољубието не е можно, а да не се „самодијагностицира“, посебно во моментите кога ја откриваат и ја разобличуваат. Се чита, се препознава и бурно реагира, повредена. Самата се открива и се објавува. Сме го забележале тоа многупати.

И, што е најлошо, религиозниот социопат – демонскиот медиум, има постојана потреба да е во судир, во конфликт со нешто големо (Црква – Свет Синод) или со некој кој е голем и познат (Епископ), за самиот да се зголеми и да стане познат. И, има постојана потреба големиот и познатиот да го оцрни за себеси да се обели, односно прослави. Но, таквиот ништо битно не може да направиедноставно, социјалните мрежи засега се сѐ уште виртуелен свет, а може само да се доразболи – и себеси и малкумината што го поддржуваат. Јасно ви е сега што се случува на македонската религиозна Фб сцена?

Многупати повторената илузија станува опсесија; то ест демоноопседнатост. Секогаш кога субјектот или објектот на нечија опсесија се појавува во сетилното поле на демоноопседнатиот, тој мора да се вознемири и да реагира.

А и сите вие што ја поддржувате демонската опсесија – си знаете вие како тоа се прави на социјалните мрежи, ќе настрадате. И веќе многу страдате, знаете и самите. Не се залажувајте, поддршката на демонскиот медиум не може да остане без одговорност. Повторно ви кажувам, речиси четири децении активно духовно војувам и веќе премногу пати имам видено како завршуваат оние што ја фаќаат демонската страна и се обидуваат да го рушат единството на Црквата. Не сте вие нешто ново; вие сте само нови изгубени души.

Знам дека напразно ви кажувам, ама што знам – должен сум да ве опоменам: покајте се, додека уште имате време!

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум