Почетната благодат на митарот
 
 
 
 
 

Почетната благодат на митарот (20.02.2021 16:58)

Прво, енергијата на умот се чисти преку постојан умствен, душевен и телесен аскетски подвиг во исполнувањето на Божјите заповеди. Светлината од доволно очистената енергија на умот ни е дадена единствено и само за согледување на сопствената острастеност, грешност и одвоеност од Бог.

Главната карактеристика, која го оформува профилот на луѓе каков што е фарисејот, е користењето на знаењето што останува по доволното чистење на енергијата на умот за судење и осудување на своите ближни.

Денес сме просто оптеретени од озборување, судење и осудување. Едно е да се рече дека некој краде, а друго е да се рече дека е крадец – во првиот случај само се суди, а во вториот веќе се осудува. И едно е да се суди и осудува општо, а друго е конкретен човек поименично. Фарисејот го прави потешкиот грев.

Мораме да сфатиме, веќе еднаш, дека знаењето добиено од првата светлина е неупотребливо за согледување на туѓите гревови, дека не му е дадена таква сила или продорност или својство. Затоа, ти дојде ли мисла за судење, веднаш моли се.

Забележувањето на страстите кај другите е сигурен знак дека истите страсти живеат и во нас, а не и дека тие вистински постојат во другиот што го судиме.

Второ, севкупниот подвиг на степенот на чистење на срцето од страстите, Отците го опишале како аскетски – не чувствуваме, а континуирано се принудуваме; немаме отворена поддршка на благодатта, а живееме како да ја имаме.

Кај митарот, пак, гледаме покајание на дело и имаме чувство дека тоа што го прави го прави природно – под дејство на првата благодат: „стоеше оддалеку“, „ни очите да ги подигне“, „се удираше в гради“ и „велеше: ’Боже, биди милостив кон мене грешниот!‘“ Кај него гледаме пример на заземање на „последното место“.

И трето, битно е да запаметиме дека: „Секој што се воздига ќе биде понижен, а кој се понижува [заради Христос] ќе биде воздигнат“ (Лука 18, 14). Тоа е вечната порака на евангелието за митарот и фарисејот – кој сака да слуша...

Зашто, има и такви кои не сакаат да слушаат; кои се воздигаат над својот Епископ, над Светиот Синод, па дури и над целата Соборна Црква – без покритие, без дарот на просветленост на умот – со умно-срдечната молитва.

Мислам... може и тоа, треба да е и малку интересно; треба и ние да имаме услови за вежбање на смирение и на љубов; просто, за нив не чини.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум