Недела на Страшниот суд
 
 
 
 
 

Недела на Страшниот суд (07.03.2021 17:02)

Прашањата на кои ќе треба да одговориме на Страшниот суд воопшто не се однесуваат на верата и Црквата на кои им припаѓаме, ниту на државата, нацијата и партијата на кои им припаѓаме, ниту пак, на нашите лични гревови, туку на конкретните лични дела на милосрдие кон оние кои страдаат, а со кои Господ се поистоветува: „Вистина ви велам, доколку сте го направиле тоа на еден од тие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 40).

Тоа е минимумот што секој христијанин, кој живее во светот, треба да го исполни. Од две причини. Прва, затоа што Господ не бара од христијаните да ги исцелат болните или да ги ослободат заробените, туку да ги посетат и утешат. И втора, затоа што не го става Господ како критериум за спасение нечинењето на злото, туку чинењето на доброто. Што полесно од ова? Ако некој нема време да прочита до крај, нека премине на последниот пасус.

Од аскетско-исихастички аспект, местото каде што ние Го бараме Богочовекот Христос е нашето срце, извалкано од страстите и затворено за умот. А бидејќи нашиот ум не може да влезе во затвореното срце и да допре до Синот Човечки, Тој престојува таму осамен, гладен, жеден, странец, необлечен, во затвор... Затоа, за да допреме до Христос и да Му послужиме, најнапред треба да го очистиме своето срце од страстите, да го осознаеме местото на срцето, да го откриеме влезот на Царството Небесно внатре во себе, и со својот ум смирено да застанеме пред Царот на славата, Кој страда заради нас и наше спасение.

Интересно е и полезно да знаете што значат зборовите „Господи, кога Те видовме...“ на оние што Страшниот суд ги затекнува на секој од степените на духовниот развој, поодделно:

Оние што Страшниот суд ги затекна на степенот на чистење на срцето од страстите, ги велат гореспоменатите зборови затоа што и покрај подвигот да ги исполнат Христовите заповеди во пракса, живеејќи во грижите на светот, не Го видоа Господ во своето срце преку дарот на умно-срдечната молитва.

Оние што Страшниот суд ги затекна на степенот на просветлување на умот, ги велат гореспоменатите зборови затоа што и покрај подвигот на умно-срдечната молитва и на љубовта кон непријателите, најчесто поради пастирски обврски во светот, не Го видоа Господ во своето срце и надвор околу себе преку дарот на гледање на несоздадената светлина.

Оние што Страшниот суд ги затекна на степенот на обожение, ги велат гореспоменатите зборови затоа што и покрај подвигот на непрестајната молитва и на плачот за целиот свет, поради злоупотребата на слободата од страна на оние што самите себе се ставија на левата страна, не Го видоа Господ и во нивното спасение. Господи, помилуј!

Што се случува со оние кои Страшниот суд ги затекнува во грев и пад? Тоа дека Богочовекот Христос воопшто стапува во дијалог со нив, колку и да звучи страшно („одете од Мене, проклети“), не е ништо друго освен давање на уште една можност за покајание. И наместо да признаат дека ја заслужиле казната и да побараат прошка и милост од Семилостивиот Бог, и да се спасат во последен момент, тие се самооправдуваат и Го обвинуваат Христос и на самиот Страшен суд: „Господи, кога Те видовме...“

Ова е уште еден пример дека самооправдувањето секогаш оди заедно со префрлувањето вина на другиот (па макар тоа бил директно и Господ) и со отпаѓањето од Бог.

            Страшен суд пред Страшниот суд е секоја средба со ближниот што страда. Внимавајте добро, секој христијанин кој за тоа има можност – сам или организиран заедно со други, должен е дури и да побара и најде некој што страда и да му помогне; на пример, да издржува најмалку еден човек или едно семејство кое од оправдани причини не може себеси да се издржува, инаку нема христијанство. Каде што нема христијанство – напразно е причестувањето!

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум