Давање и кога се нема доволно за себе – основа за Божјо чудо
 
 
 
 
 

Давање и кога се нема доволно за себе – основа за Божјо чудо (14.08.2021 15:51)

Умножувањето на лебовите и на рибите (Матеј 14, 14–22) е навидум евангелска случка за која нема ништо посебно да се каже, освен да се прославува Богочовекот Исус Христос и за ова Негово чудо, направено за нас и нашето спасение. Но, дали? Сепак, да се обидеме да го пронајдеме нејзиното подлабоко значење...

Во нашиот живот е важно да имаме волја за добро дело во слава Божја и од љубов кон ближниот, останатото е Божја работа. Апостолите ја гледаат потребата на народот да јаде, сакаат да помогнат, но свесни се дека се немоќни да помогнат и се обраќаат кон Господ подготвени да го послушаат Неговото слово.

Гледаме дека Апостолите се откажуваат дури и од сопствената храна, што и за нив самите не е доволна. Ова е клучниот момент – давање и кога се нема доволно ни за себе, односно саможртвената љубов. Давање и кога се нема тогаш се случува Божјото чудо; и тогаш сите добиваат колку што треба и им останува (добиваат) повеќе отколку што дале.

Функционира совршен хиерархиски ред и поредок. Учениците ја забележуваат потребатa на народот од храна и се обраќаат кон Христос, подготвени да послушаат – тоа е битно, иако користат и нудат своја логика за решавање на проблемот. Христос му заповеда на народот да седне – зашто и редот и организираноста се битни; и народот Го слуша. Христос го прави чудото, а потребите на народот ги задоволува преку Своите ученици.

Забележуваме совршен литургиски поредок при ова чудо и совршена икона на Светата Литургија, како и на Светата Црква. Истите зборови се користат и денес на Светата Литургија во канонот на Евхаристијата (Благодарењето). „И откако го зеде лебот... благодари, го благослови, го освети, го прекрши, им го даде на Своите свети ученици и апостоли...“

И да се потсетиме, во оваа слика нема храм, нема посебни сосади, нема посебни одежди, нема црпење авторитет однадвор, нема претерана грижа дали некоја трошка паднала на земја – затоа што цел свет е храм и сѐ е свето; има само љубов за ближниот, има несомнена вера, има послушание до посветеност и има Божји благослов. Едноставно, има Бог и има луѓе во слободна и љубовна, лично-соборна заедница и со Него и меѓусебно – има сѐ. Има Црква.

Вистинско исцеление, пред сѐ, од болестите на душата, а ако е на спасение и на телото, ни носи само учеството во Литургијата на Црквата и причестувањето со нејзините Свети Тајни.

Истото се случува и со оние – духовно сиромашните, кои се обидуваат да го толкуваат Евангелието: ја гледаат потребата на народот, гледаат дека се немоќни да му помогнат, се обраќаат кон Господ, и со надеж дека ќе бидат помогнати, почнуваат невешто да ги запишуваат првите зборови на толкувањето. И потоа, одеднаш сѐ станува лесно – мислите се редат една по друга, текстот се појавува во својата почетна верзија, така што и самите се чудат што се случува. Сфаќаат дека нема ништо нивно, освен волјата за добро дело и послушноста кон Господ, и кон делото што им е дадено од Него – па ни тоа.

Истото важи и за другите кризни ситуации околу Црквата, кои се појавуваат во текот на времето. Не се грижете, добриот Пастир Христос, во свое време, ќе ни каже, преку Црквата – преку нејзините Епископи (затоа што без Епископ нема ни Црква – а, како што знаеме, портите на адот нема да ја надвладеат Црквата), што треба да правиме во соодветни кризни ситуации, со збор или со дело; и никој друг. Тоа е редот во Црквата.

Е, има и такви кои овој црковен и побожен ред не го почитуваат и предизвикуваат сомнеж и неред во Црквата. Добро, ни првпат, ни последен. Нека се здрави и живи! Слобода пред сѐ! Да, слободата е поважна дури и од смртта, но не и таква слобода која нѐ одделува од Црквата.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум