Разлика помеѓу Божјо и демонско чудо
 
 
 
 
 

Разлика помеѓу Божјо и демонско чудо (21.08.2021 15:29)

Евангелската случка со бурата на морето и одењето на Петар по водата е веќе толкувана, и ако добро се сеќавам, објаснувањето се сведува на тоа дека бродот ја симболизира Светата Црква, дека бурата ги симболизира искушенијата низ кои Таа поминува во текот на историјата и дека Господ ги допушта тие искушенија – за да се освестиме, покаеме и вистински да Го побараме да дојде и да нѐ спаси. Што се однесува до Апостолот, за него се расправа околу неговата вера и маловерие, од кои зависеле неговото одење и пропаѓање во водата.

            Во претходната беседа објаснив дека Бог прави чуда таму каде што нема друго решение, а истовремено има основа и потреба од чудо; кога заради Него и Неговата љубов и од љубов кон ближните страдаме или даваме и од она што не е доволно ни за нас – е тогаш, нема друго решение освен чудо, за да се задоволат потребите на сите што имаат потреба.

Убав пример се светите Маченици, кои го даваат и својот живот заради сведоштво на Христос и заради спасение на луѓето; тогаш гледаме многу чуда и за време на нивното сведоштво преку мачеништвото и по нивното упокојување. Исто така, убав пример се вистинските монаси – и тие преку целосрдечното послушание го предаваат целиот свој живот во Божји раце, но затоа најмногу кај нив може да се забележат Божјите дарови на умно-срдечната и чудотворна молитва, поради која светот уште постои.

            Прашањето што се поставува сега е: дали имаше основа за чудо и во случајов на Апостол Петар? Дали тој дава нешто што не е достаточно и за самиот него, т.е. дали се жртвува себеси за своите ближни или бара нешто што не е својствено за паднатата човечка природа? Дали тоа што го бара само за себе, пред публика, е заради Христос и заради Неговата љубов, како и од љубов кон ближните, или заради нешто друго? И, дали Христовото дојди беше благослов или изнуден благослов?

Тешко дека ќе можеме позитивно да одговориме на овие прашања – затоа Петар и пропадна во водата; не толку поради немање вера, колку поради немање основа за чудото. А кога нема основа, залудна е верата. Верата не е непотребна егзибиција: „Ако си Син Божји, фрли се одовде долу! Зашто е напишано: ’На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе, да Те запазат‘“ (Лука 4, 9–10). И каков одговор доби ѓаволот? „Не искушувај Го Господ, својот Бог“ (Лука 4, 12).

            Во тоа е разликата меѓу Божјите и демонските чуда. Едните се случуваат кога страдаме или даваме иако немаме доволно ни за себе, во крајна нужда и безизлезна ситуација, заради сведоштво Божјо, заради Бог и заради Неговата љубов, што автоматски подразбира и заради спасение на сите луѓе; другите се случуваат заради барање, гордост, човечка и демонска слава, и заради држење на луѓето во страв и ропство. Со вториве чуда ќе се случи и доаѓањето на глупавиот антихрист. И така луѓето отсекогаш повеќе барале чуда, отколку што Го барале Бог.

            Не происходи верата од чудата, туку чудата происходат од верата потврдена со дела.

            Чуден лик е Апостол Петар, впрочем, како и сите ние. Во неговото, како и во нашето житие, забележуваме доста падови, и тоа тешки, како и повторни станувања, но неговото житие завршува свето – со маченичко сведоштво на својот Учител, Богочовекот Исус Христос, а нашето допрва ќе видиме... Тој е вистински духовен воин – ниту еден пораз не го поколеба да ја заврши духовната војна докрај. Колку ли грешат оние кои на човек му судат само поради еден пад?

Внимавајте да бидете исповедани и причестени, пред што било битно да преземете во вашиот живот и пред што било битно да се случи. Исто и децата да се причестени, кој има...

            Пресвета Богородице, по молитвите на Апостол Петар, помогни ни и ние духовната војна да ја завршиме со победа – Божјо чудо! Оти пак, нема како.

Митрополит Струмички Наум