Архиерејска Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Водоча (21.09.2022 11:06)

Денес, кога го празнуваме Рождеството на Пресвета Богородица, во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча, Митрополитот на Додимотихо, Орестијада и Суфли г. Дамаскин отслужи празнична архиерејска Литургија во сослужение со надлежниот Митрополит Струмички г. Наум и викарниот Епископ Собиски г. Јаков, а во присуство на многуброен верен народ.

 

Беседа на Неговото Високопреосвештенство г. Дамаскин, Митрополит на Додимотихо, Орестијада и Суфли

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

По покана на нашиот свет Владика Наум, се наоѓам денес овде, на празникот на Раѓањето на Пресвета Богородица, за да сослужуваме заедно и да се радуваме на Божјите дарови, благодарение на Неговата Светост Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, кој ни помогна за да можеме да ја отслужиме оваа Литургија, да сослужуваме заедно.

Помина Велигден, но денес исто како да имаме Велигден, бидејќи Господ е Тој што нѐ зближува, ни ја дава таа голема радост, да сме заедно, еден до друг и сите заедно блиску до Бог, Чиишто Тело и Крв денес Ги примивме.

Би сакал од оваа место, да му се заблагодарам од сѐ срце на нашиот Владика Наум, и на Епископот Стобиски г. Јаков, на сите браќа, и на сите вас, што го посведочивте овој голем чин за Црквата Христова – тоа е црква, црквата е мир, љубов и заедница. Може да зборуваме различни јазици и да имаме различни навики и обичаи, ние сите го зборуваме јазикот на срцето и тој јазик на срцето е Христос.

Како што видовте на Светата Литургија, на двата јазика, сите заедно ја служевме оваа Литургија без да постои прекин или пречка. Познато ми е дека за да дојдеме до овој момент нашиот Владика Наум се има потрудено многу, но пред сè, преку неговите молитви е возможна оваа денешна Литургија. Клучно е ова денешно наше присуство на оваа Литургија, овие долгогодишни обиди, што започнаа на Света Гора, конечно дадоа плод и се остварија. Нека биде благословено името Господово.

Денес имате можност да се поклоните на светите мошти на светиот чудотворец Дионисиј Ареопагит, којшто бил првиот ученик на светиот апостол Павле во Атина, бил учен правник, како што и нашиот Владика има завршено Правен факултет. Но, штом ја слушна проповедта на апостол Павле, веднаш почна да го следи, го следеше и стана верен ученик на апостол Павле и нашиот Христос. Записите велат дека бил заедно со апостолите на Успението на Пресвета Богородица.

Со ова и ве поздравувам сите, им благодарам на светите архиереи и ве благословувам сите, да бидете смирени, да имате мир, да ги имате благодатта и љубовта на Господ Исус Христос во вашите животи, и да ни дава Господ такви можности да ги обединуваме сите заедно нашите молитви и да се заблагодариме за сите дарови. На многаја лета!