Велика сабота во Водоча (04.05.2024 13:10)
Денес, на Велика сабота, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот на манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. На Литургијата Владиката се обрати со следното слово:
Првата молитвена состојба на умот се случува кога човекот, во дух на покајание, поради својата оддалеченост и несличност со Христос, потпомогнат од својата волја и желба го собира својот ум во зборовите на молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј нè“. Чистата молитва е предвесник на крајот од оваа молитвена состојба и премин во друга. Умот го приковуваме на крстот од зборовите на молитвата и не му даваме да скита и да се расејува привлечен од светот и неговите страсти. Овој подвиг бара голем напор и ова е распнување, или, Велик Петок за умот.
Втората молитвена состојба на умот се случува кога човекот, во дух на покајание, потпомогнат од својата волја и желба го собира својот ум во зборовите на молитвата, но овојпат внатре во своето доволно очистено од страстите и затоа отворено срце, во кое се соединува со благодатта на Крштението, со Бог. Оваа молитва, која се нарекува и умно-срдечна, е посебен дар Божји. Чистата молитва е предвесник на крајот и од оваа молитвена состојба и премин во друга. Умот собран во зборовите на молитвата го погребуваме во длабочините на нашето срце и тој станува мртов во однос на световните грижи и привлечности. Тоа е погребение, или, Велика Сабота за умот. Човекот кој ќе ја достигне оваа состојба оттогаш понатаму престојува во непоматена внатрешна радост и светлина и од смртта не се плаши“.