Божествена Литургија во Водоча (06.05.2024 11:30)
Денес, на Воскресение Христово (втор ден) и празникот на свети Георгиј Победоносец, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, Водоча. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. На Литургијата Владиката се обрати со следното слово: „Неверојатен лик е свети Јован Крстител, само што јас тоа не знам и не можам да го опишам со зборови. Неговото присуство ги збунува современиците. Свештениците и левитите, а кој друг освен подложните на славољубие, први сакаат да дознаат кој е тој, и божем се чудат дали е Христос или свети Илија или некој нов пророк. Очигледно го прашуваат со намера да го фатат на некој збор и да го осудат согласно законот. Но, нивниот пристап не е личносен – познанието на Бог, како и на секој човек, произлегува од личниот однос, а не од некакво информирање; нешто што е недостапно за оние што се држат само до формата на верата. Свети Јован одрекува дека е нешто битно, точно така како што за себе мисли секој што е близу до Бог. Но, од друга страна, ако пратените имаа уши да чујат, им ја откри целата вистина, целата блискост со Бог: ’Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го патот на Господа‘. Да беа малку паметни, свештениците и левитите требаше барем да се уплашат од овие зборови – кои го најавуваат доаѓањето на Месијата, но тие и понатаму слепо се држат до замислената формалност од почетокот: ’Зошто тогаш крштеваш, кога не си Христос, ни Илија, ниту пророк?‘ Свети Јован уште еднаш им го потврдува доаѓањето на Спасителот, Кој е Бог; барем по описот требаше да сфатат дека им говори за Вечниот Бог: ’Јас крштевам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. Он е Оној што иде по мене, Кој беше пред мене, и Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови‘. Јован им говори за Бог од опит на заедницата со Него во своето срце, како еден од првите претставници на внатрешното, новозаветно, царско и есхатолошко свештенство, но словото од личен опит на богопознание не допира до оние кои се држат само до словото на законот, а духот на заповеданото го промашуваат; посебно кога не се добронамерни. Сето ова се пресликува низ сите векови, па сѐ до наше време“.