Божествена Литургија во Струмица
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Струмица (07.05.2024 11:55)

Денес, на Воскресение Христово (трет ден), Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во црквата „Свети Јован Крстител“, во Струмица. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата Владиката рече:

„Срцето секогаш им гори на оние кои преку молитвата заедничарат со Бог внатре во него, различен е само видот на огнот на секој од степените на духовниот развој, во Црквата. И срцата на Апостолите гореа однатре уште додека Воскреснатиот Христос им говореше по патот – иако тие тогаш не знаеа зошто, но очите им се отворија да дознаат дури при прекршувањето на лебот. Преку ова Господ јасно ни ја предочува Светата Тајна Евхаристија (или Литургија), односно Црквата, како единствено место, а и време, како и Заедница на дарот на боговидението и на богопознанието; како и дека, во сеопфатната Тајна на Црквата нашето срце станува лично духовно средиште на нашето битие и во аскетско-исихастичка и во литургиско-соборна смисла. Првата смисла е поврзана со умно-срдечната молитва и за тоа сум говорел многупати, но што значи втората?Заедницата и единството коешто го засноваме ние, православните христијани, низ Светата Евхаристија, причестувајќи се со Христос Бог и во Него меѓу себе, е единство длабоко битијно и благодатно, коешто го ослободува човекот од ограничувањата на времето и на просторот. Така, секој член на Црквата живее, љуби и се спасува со помош на сите членови на Црквата, земни и небесни. Секој од нас живее благодатно и молитвено во сите и заради сите, и сите живеат во секого и заради секого. Преку Светото Крштение, ние живееме во Христос, во Неговото срце, и го живееме Неговиот живот, а Христос живее во нас, во нашето срце, и го живее нашиот живот. Затоа и тајната на претходно опишаното меѓусебно проземање и проникнување се случува во нашето срце; и затоа Богочовекот Христос е средиште на нашето средиште, односно средиште на нашето срце и на нашиот лично-соборен живот и постоење.Да не заборавиме и дека, принесувањето на даровите на олтарот (на светата Трпеза) од храмот, односно излегувањето на свештеникот во тело пред олтарот, внатрешно духовно соодветствува на излегувањето на умот пред олтарот на срцето – значи, на умно-срдечната молитва и словесната жртва на човековата личност што во срцето на Бог Му се принесува и посветува. Претпоставувате и самите дека сите молитви за време на Светата Литургија, оние што се носители на Божјиот дар на умно-срдечната молитва, ги изговараат во своето срце. Затоа, кога ќе се сетам на молитвата „Достојно и праведно е Тебе да Ти пееме, Тебе да Те благословуваме, Тебе да Те фалиме, Тебе да Ти благодариме, Тебе да Ти се поклонуваме на секое место од Твоето владеење“, се запрашувам себеси, кој апсурд е тоа за нас, христијаните, да Му го посветиме нашиот живот на Бог и да Му се поклонуваме на Христос секаде и во секое време, а токму таму каде што е најважно тоа да го сториме – во нашите срца – сè уште да немаме пристап!?Сега може да ни стане појасно и зошто токму во часот кога Господ Исус Христос ја воспоставува Светата Евхаристија, во истиот час ја воспоставува и Тајната на умно-срдечната молитва, односно Тајната на молитвата во Неговото Име: ’И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам, за да се прослави Отецот во Синот‘ (Јован 14, 13)“.