Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (26.05.2024 20:59)

Денес, во Неделата на раслабениот, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, Водоча. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

На Литургијата Владиката се обрати со следното слово:

Штом Христос се воплотил и се поистоветил со нас, тогаш нема причина за очајание. Тој секако се појавува во нашиот живот; и тоа безброј пати. Наше е само да ја препознаеме посетата. Богочовекот Христос нѐ посетува многупати, и главно, преку луѓе што страдаат. Самиот Тој има кажано: „Ако на еден од овие Мои мали браќа им направите, Мене сте Ми направиле“. Но, секоја средба со секој човек во нашиот живот е дар Божји и средба со Него. Постојат и поинакви Негови посети; посети кои битно го менуваат нашиот живот. Само треба да внимаваме да не биде тоа допуштена болест или несреќа, односно „посета од неволен вид“ поради нашите гревови, туку да предизвикаме, преку подвиг на покајание и послушание, посета од волен вид – како растење низ степените на духовниот развој, преобразување и обожeние.

Борбата против секое очајание и безнадежност, посебно при болест, се заснова, пред сѐ, на вистинска и цврста вера, а потоа и на животот со надеж, што значи – без чинење грев. Затоа што причина за повеќето болести е гревот. Таков изгледа животот на болниот човек од бањата Витезда. Гледаме триесет и осум годишно трпеливо чекање, со надеж дека, сепак, ќе се појави Човек кој ќе го спушти во бањата, откако ангелот ќе ја раздвижи водата.

Денешното евангелско четиво е полно со симболика. Симболика на Светото Крштение: бањата Витезда во која луѓето оздравувале од каква било болест и да боледувале. Симболика на возобновувањето на духовниот живот кај народот: „ангел Господов ја раздвижуваше водата“; на пример – како преку возобновувањето на монаштвото. Симболика на молитвениот однос на човекот кон Бог – што Го привлекува Бог: Исус, кога го виде како лежи и штом узна дека од многу години боледува, му се обраќа и го прашува дали сака да оздрави. Болниот човек – со својот потврден одговор, нѐ симболизира сите нас, денес, кои сме свесни дека сме духовно раслабени. Најпотресна, за мене, е симболиката за исконскиот крик на човекот во потрага по вистински Човек и човечност, т.е. по духовен отец, преточена во само двата збора на раслабениот: „немам човек!“ Како и симболиката на вистинското смирение и послушание, како Откровение на смислата на Духот на словото – во словото на законот, т.е. како надминување на поистоветувањето со воспоставените самочовечки обрасци на организирано религиозно и општествено однесување: кога му рекоа на исцелениот – „Сабота е и не треба да ја земаш својата постелка!“, тој им одговори: „Оној што ме излекува, ми рече: земи ја постелката своја и оди!‘“ Исто како, на пример, „оној што ме прими во канонско и евхаристиско единство, или барем, оној што ми призна автокефалност, ми го покажа овој и овој пат“. Би се задржал, на крај, уште на други две симболики, на симболиката на крајот на Стариот и на симболиката на крајот на Новиот Завет. И двете симболики се сведуваат на само двата збора: немам човек.

И пред повторно да погрешиме, Богочовекот наоѓа начин да нѐ сретне и да нѐ опомене: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!“