Божествена Литургија во Велјуса (24.06.2024 15:44)
Денес, на Педесетница (втор ден), Митрополитот Струмички г. Наум отлсужи Божествена Литургија во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, во Велјуса. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
На Литургијата Владиката се обрати со следната беседа:
„Цврстата основа на која Господ Исус ја гради Својата Црква не може да биде кој и да било човек, туку, пред сѐ, правилната (православната) вера во Него и Апостолското Преемство – како непрекинат дар на Светиот Дух Господ, Кој преку овој дар, во Светата Литургија, го остварува соборот на верните како Воскреснато и Вознесено Тело Христово. Апостолските преемници – Епископите на Црквата Православна, се и сведоци и на гревот и на покајанието на луѓето, и затоа ја имаат власта да сврзуваат и разврзуваат состојби, на земјата и на небото. Но, ја имаат и обврската да ја водат Црквата со личен пример. Тајната на Апостолското преемство истовремено е подучување и предание на вистинската вера (на Вистината), како и светотаинско Предание, што значи совршување на Божествената Евхаристија и останатите Свети Тајни, т.е. раздавање на благодатта. Вистината на Црквата, не во смисла на Личноста Христова, туку во смисла на вистинска вера, е пред сè, несоздадена и обожителна благодат и Божји дар (харизма), Откровение Божјо, и е суштински неразделна од светотаинскиот (харизматичниот) живот на Црквата, неразделна е од благодатта на Светите Тајни. Така, таму каде што нема Вистина нема ни Свети Тајни; и обратно, таму каде што нема Свети Тајни, нема ни Вистина. Апостолското преемство, пак, не се стекнува по автоматизам, и затоа не може да биде дејствително и ефективно ако оној што го прима нема внатрешна духовна подготовка за него. За ѓаконски чин тоа е сериозно чекорење по патот на очистување на срцето од страстите; за презвитерски чин тоа е нивото на просветлување на умот, со дарот на умно-срдечната молитва; а за епископскиот чин тоа е нивото на обожение на целата личност. Внатрешното духовно покритие го нарекуваме и царско или есхатолошко свештенство – свештенство кое ќе нѐ краси во Царството Небесно и не зависи од тоа дали е некој носител на свештенството како овоземната Света Тајна. Тајната на ова царско и есхатолошко свештенство ја разбира само оној што ја има.
Клучевите на Небесното Царство се и редот и поредокот во Црквата, како и поставување на некој што ќе го чува и што ќе го одржува, и врз основа на тој ред и поредок создавање атмосфера за исцеление на нашиот паднат (односно горд, расеан и затемнет) ум. Овој ред, поредок и хиерархија мора да се почитуваат ако некој сака да влезе во Царството Небесно, и не постои друг начин или некаков калауз наместо вистинскиот клуч, затоа што Самиот Бог го надгледува влезот. Овој ред и поредок мора да го почитуваат и оние на кои тој им дава надворешно, пред сè, чинови, права и власт, но исто така и оние на кои тој им дава надворешно само позиција на ерархиска подреденост и на послушание. Клучевите на Царството за оние што ги држат во своите раце се меч со две сечила. Со тој меч тие можат да пресечат за добро на Црквата, а можат и духовно да се самоубијат. Ова е наједноставното објаснување.
Епископот по своето место и функција формално е врховен водач во Црквата. Но, поради отстапување од светоотечкото Предание за избор и поставување Епископи, односно поради немањето внатрешно духовно покритие кај носителите на овој висок чин – обожение, денес, во Православната Црква суштествува криза на ефикасно духовно и институционално лидерство. Кризата во лидерството, покрај останатите сфери од црковниот живот, се пројавува, главно, од една страна, како грешки (на кој било план) во дејствувањето на високиот клир на Црквата, а од друга, како недоверба на народот во свештенството, генерално, како и во Црквата сфатена како институција. Сите овие неправилности имаат свои социјални и многу други несогледливи, лоши последици. Ќе видите подолу некои од нив... Затоа, и покрај теолошки и канонски цврсто поставената позиција на Епископот во Црквата, ние сè уште не можеме да говориме за некое негово суштинско лидерство. Кога говориме за неговата позиција во Црквата, најчесто подразбираме формално лидерство. Едно е авторитет на Епископ што произлегува само од значењето на институцијата што ја претставува, а друго е авторитет на Епископ што произлегува од внатрешното духовно покритие на неговиот чин со кој тој ја претставува институцијата.
Интересна е и позицијата на Првиот по чест меѓу Епископите. На секој нормален му е јасно дека на таква позиција без Божја Промисла не се стигнува, и на секој нормален му е јасно дека таквата позиција не смее да ја поткопува или руши, туку колку што може да ја поткрепува и штити. Така, доволно би било Првиот по чест да инсистира на избор на барем нормални луѓе за Епископи и неговата поглаварска позиција би била безбедна од лошото влијание на човечкиот фактор. Во црковната историја имаме доволно лоши примери на избори од кои требаше да се извлече поука. Затоа и Црквата Божја, во нормални услови, одредила изборот на Епископи да се врши од докажани монаси, а не под влијание на други, субјективни интереси. Кон Првиот Епископ по чест, Епископите треба да негуваат чувство на своевидно братско послушание, иако светите Канони не ја регулираат таа тема. Совршено би било кога Првиот по чест би бил што поблиску до внатрешното духовно покритие на неговиот висок чин – обожение, така што своевидната послушност на Епископите да соодветствува на неговиот духовен авторитет, а не толку на функцијата. Ова што го напишав го разбираат само оние Епископи што при својот духовен развој го виделе клучното значење на послушанието во севкупниот Божји домострој на Спасението, во Божјата Промисла. Сега е појасно зошто изборот на Епископи Црквата одредила да се случува исклучиво од монашките редови.
Сето ова го напишав за поубаво да се сфати позицијата на Апостолот Петар во првата Црква, да се сфати позицијата на Вселенскиот Патријарх, да се сфати позицијата на секој поединечен Поглавар на секоја Помесна црква и да се сфати позицијата на Поглаварот на локалната Црква, која е Црква во сета своја полнота – која во својата Света Евхаристија ја содржи и првата Црква на Ерусалим и Есхатолошката Црква на Царството Небесно и сѐ помеѓу тоа, а сите ние заедно ѝ служиме само на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Мислам дека на претходно опишаниот начин најлесно можеме да ги избегнeме двете најголеми еклисиолошки искушенија – анархијата и централизацијата на Црквата.“