Божествена Литургија во Софија, Бугарија
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Софија, Бугарија (07.07.2024 19:02)

Денес, Митрополитот Струмички Наум му сослужуваше на Бугарскиот Патријарх Даниил во црквата „Св. Недела“, во Софија, по повод неговото востоличување за Софиски Митрополит. На Литургијата присуствуваа повеќе Владици на БПЦ, а верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Општа и посебна восогласеност

 

„Зашто никој од нив не крпи стара облека со нова крпа, оти таа ќе се отшие од старото и отворот ќе биде поголем; ниту, пак, се става ново вино во стари мевови; инаку, мевовите ќе напукаат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото“ (Матеј 9, 16–17).

Ова евангелие е уште еден пример за восогласување на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, како и со местото и улогата што ги имаме во Црквата и општеството. Но, за воопшто да дојдеме до ова восогласување, кое би го нарекол – посебно, ние треба да го освестиме, најпрвин, општото восогласување со Божјиот поглед на светот; за, на крај, да ја достигнеме комплетната восогласеност – и внатрешна и надворешна; како и незалезната светлина и радост.

Бог сите нас нѐ љуби и гледа како Свои деца, и за секој еден посебно од нас се грижи и го води кон спасение. Наша прва цел е да ја освестиме оваа вистина и да го восогласиме нашиот поглед кон човекот и светот со неа. Ова е општото восогласување. За разлика од Бог, демоните, најчесто преку своите медиуми – човечки, електронски, форсираат и одгледуваат менталитет и култура на поделби, со цел да ја остварат својата девиза – подели па владеј. Денес, човештвото е толку многу поделено по најразлични основи што тоа веќе не може ни да се доброи и наброи; и повеќето луѓе се поделени во навивачки групи, кои често одат дотаму во злото што се подготвени и да се елиминираат едни со други. А тоа е голема темнина и душевна мака.

Ќе речеме, овој паднат свет и така ништо не разбира, не е ни чудо што прави и што му се случува. Но, што е тоа што се случува со нас, христијаните, кои треба да сме пример на единство, заедничарење, заемно помагање и љубов? Ние, денес, поистоветени со своите држави, нации и разни други центри на црковна, политичка и економска моќ, дури и предводиме во поделбите и непријателствата, наместо со пастирскиот пристап кон овие социјални феномени да го негуваме единството и мирот меѓу луѓето. Само да ја спомнам и последната поделба – Цариград или Москва? Само демоноопседнат христијанин може да ја прифати во себе оваа поделба и да се труди да ја разгорува; Светиот Дух Господ дејствува кон исцелување на оваа поделба, и кој сака да Го има во себе треба да дејствува во ист правец. Кој сака да се додемоноопседне – слободно нека продолжи да се обидува да ја продлабочи поделбата.

Значи, откако ќе го освестиме и ќе се потрудиме да го живееме ова општо восогласување, дури тогаш ќе можеме да се потрудиме преку посебното восогласување да го заокружиме целиот, пред сѐ, внатрешен процес на восогласување, а потоа и надворешниот – со Божјата волја за нас, како и со Божјиот љубовен поглед кон човекот и светот; и целите да станеме љубов, светлина и радост.

Го спомнав внатрешното восогласување со Божјата волја за нас и светот, затоа што сите поделби, и непријателствата засновани на нив, почнуваат од нашата внатрешна поделба меѓу примарната и секундарната функција на нашиот ум, поточно – од неговата непреобразена енергија, т.е. многу малку време поминуваме во молитва и исполнување на Божјите заповеди – во единство со несоздадената Божествена енергија, а речиси цел ден го поминуваме во комуникација со овој свет и неговата создадена енергија. Оваа непреобразеност, острастеност на умот се рефлектира како расцепеност и некоординираност меѓу словесната душевна сила – умот, и двете бесловсни душевни сили – волјата и желбата. Вака расцепениот човек не може, и да сака, да функционира нормално, и паднатоприродно зазема страни во одредени конфликти. Внатрешната поделба се исцелува со ставање на нашиот ум во процес на исцеление преку послушание на својот духовен отец, Епископот, Бог, во Црквата. Во тој процес енергијата на нашиот ум постепено се преобразува во заедница и единство со несоздадената Божја енергија, а преку тоа постепено се преобразува и нејзината суштина во нашиот духовен центар – срцето. Знак за исцеление на оваа внатрешна поделба е отворањето на срцето за умно-срдечната молитва и стекнување духовен разум. Преобразениот човек ги координира и обединува своите душевни сили и тоа свое внатрешно единство се труди да го пренесе и во поделениот свет; и таквиот човек, природно, не може да зазема страна.

Евангелскиот пример за невосогласеност – со новото вино во стари мевови, најдобро се забележува кај оние кои примаат свештенички чинови, а немаат внатрешно духовно покритие за соодветниот чин – епископски или презвитерски, а кои, истовремено, излегуваат од послушание на својот духовен отец и не се исповедаат. Како што вели еден светител – свештеничкиот чин ги открива и распламтува страстите, не ги покрива, така што подоцнежната состојба на тој што го примил чинот станува многу полоша од претходно; и вакви лоши примери гледаме насекаде околу нас, посебно, такви кои ги продлабочуваат поделбите во светот. Но, фала Богу, има и добри...

Отците бараат да се почитува правилото според кое примањето свештенички чинови треба да соодветствува на трите степени од духовниот раст: очистување, просветлување и обожение. Свети Максим ги поврзува трите стадиуми на духовниот живот со трите степени на свештенството. Тој пишува: „Делото на ѓаконот го врши оној што го вежба својот ум за свештени подвизи и ги изгонува од себе страсните помисли, а делото на презвитерот го врши оној што го просветлува својот ум во познание на создадените битија и со тоа го уништува лажнонареченото знаење; додека, делото на Епископот го има оној што го восовршува својот ум со светиот мир на познанието на обожуваната и Пресвета Троица“. И во списите „За црковната ерархија“, Дионисиј Ареопагит ги поврзува трите степени на духовниот развој со трите степени на свештенството: „Епископите во потполност ја поседуваат моќта на просветлувањето... Нивната задача не е само да просветлуваат туку и да восовршуваат. Свештениците се просветлени и просветлуваат, додека ѓаконите очистуваат и знаат да расудуваат“.

            Накратко кажано, пастирите треба духовно да го раководат во процесот на очистување, просветлување и обожение народот Божји кој учествува во Светите Тајни на Црквата. А, ако не ги восогласиме состојбите – лични и црковни – со Преданието на Светите отци, не можеме ни да очекуваме некакви подобри резултати во нашето пастирско работење. Епископите на Помесните православни цркви и понатаму предимно ќе се занимаваат со славољубие (со борба за власт, со политика, со лажен патриотизам и етнофилетизам); презвитерите предимно ќе се занимаваат со среброљубие; а останатиот народ ќе се занимава: едни (номиналните) предимно со блуд, а други (неправилно духовно раководените) предимно со озборување, со судење и со осудување – на првите, на вторите и меѓусебно...

            Навистина не ми е јасно зошто некои се одлучуваат да живеат во внатрешна темнина, мака, параноја, немир, завист, осудување, омраза, војна, кога можат да живеат во внатрешна светлина, мир, љубов и радост, без оглед на надворешните околности, кога само требаше својот поглед на светот да го восогласат со Божјиот; односно да ја живеат својата православна вера во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, така како што ја исповедаат и се причестуваат на Светата Литургија.

Митрополит Струмички Наум