Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (02.08.2024 12:32)

Денес, на празникот на свети пророк Илија, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

На Литургијата Владиката се обрати со следните зборови:

„Оној што нема личен опит, иако може и да се нарекува христијанин, сепак плодовите на покајанието, како и патот до нив, не ги препознава. Произволниот и недефиниран духовен живот кој соодветствува на нашата голема идеја за самите себе, на нашата гордост и суета, посебно е карактеристичен за светот во кој живееме. Недефинираното и магловитото општо поимање на духовниот живот е одлична атмосфера во која може да се сокрие нашата индивидуална духовна сиромаштија; и тоа им одговара на мнозина. И не само да се сокрие туку, со помош на посебната облека или со свештеничките чинови или со формално запазување на некој црковен типик или со својата интелигенција и разни титули, духовно слепи луѓе успеваат дури и да се самопромовираат како доблесни и примерни.

Секој, пак, што правилно духовно се подвизува и сака да остане во тој подвиг, постојано се проверува во светлината на преданието на Светите отци. И обратно, оние што сакаат, свесно или несвесно, само да импровизираат и имитираат духовен живот а истовремено остануваат заробени од страстите, ниту се проверуваат ниту сакаат да знаат дека постои некој ред и хармонија во духовниот развој; затоа што Светлината на Преданието за трите степени од духовниот развој (очистување, просветлување и обожение) таквите ги разоткрива – или како големи незнајковци или како противници на Преданието. Оној што нема личен опит на покајание не само што не го препознава покајанието кај својот ближен, туку таквиот опит кај ближниот, најблаго речено, и му пречи. Му пречи затоа што секогаш – да не должам – од една страна, светоотечкиот пример открива како треба да се живее побожно во Црквата, а од друга страна, открива како не треба. Суетата, пак, поради пуста желба за човечка слава, кај оние што се сметаат за духовни величини, е најголема. Нивната суета е или задоволена со присвоената човечка слава или повредена со изгубената.

Сега јасно ли ви е зошто лесно го прифаќаме и фалиме покајанието на светителите прочитано во нивните житија од оваа временска дистанца, а покајанието на нашиот ближен, современик – не!? Или зошто ја прифаќаме и фалиме духовната величина на оние што просторно живеат далеку од нас (Русија, Србија, Света Гора), а духовната величина на нашиот ближен кој живее со нас – не!? Од истите причини, ниту еден пророк не е признат во својот роден крај. Или можеби некој мисли дека Го снема Светиот Дух Господ и Неговите дарови од Црквата?

Тежнееме да го оценуваме и судиме човекот според претпоставениот или вистински сторениот грев повеќе отколку да го вреднуваме според покајанието. Ако таквиот суд за кој било човек ни е конечен, тоа е сигурен знак дека немаме опит на покајание. Живееме како одвај да чекаме некој од оние што ѝ сметаат на нашата преголема суета нешто да згреши, според Божјиот закон или според нашите критериуми. Дури сакаме да веруваме и во неговите наводни гревови и падови, а оној што ја пренесува или измислува таквата лажна информација заради додворување и самопромоција, го сметаме за наш пријател. Ова е темелот на секоја секта.

Активниот социопат има потреба, дури и зависност, јавно да се судри со пророкот, или со нешто големо – па било тоа Митрополит, Поглавар, Синод и сл., со цел да се самопромовира во ’високото друштво‘, во кое реално никогаш не би можел да припаѓа, а во кое живее само со помош на својата имагинација. Карактеристично, пак, за пасивните социопати е, иако самите не напаѓаат, сепак јавно да го одобруваат однесувањето на активниот социопат. Сето тоа, главно, се случува во виртуелниот свет на социјалните мрежи, каде што луѓето реагираат на некоја вест – за која немаат никаква информација, а која ја открива единствено нивната болна душевна состојба. Согласно ова ги препознаваме обата вида религиозна социопатија, т.е. растројство на личноста“.