Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (10.08.2024 10:26)

Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата Владиката се обрати со следните зборови:

„’Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој ќе ја запази душата своја, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, ќе ја зачува.‘ Во денешното евангелие најмногу превладува темата на самоидентификување, односно поистоветување со Богочовекот Исус Христос или со нешто друго, од овој свет – што и да е тоа другото. Иста тема е и кога што било или кого било во нашиот живот љубиме повеќе отколку Христос или, ако треба, го оставаме заради Христос. Иста тема на самоидентификување е и јавното признавање дека сме Христови или од Него одрекувањето. Иста тема е и одењето по Христос, носејќи го својот крст или отфрлањето на нашиот личен крст. Значи, од суштинска и спасителна важност за нас е дали Христос ни е на прво место во нашиот живот или не е. Ако не е, тука завршува сѐ.

’Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил. Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда.‘ Слична и поврзана тема со самоидентификувањето е и кого сме подготвени да примиме, т.е. да послушаме. Должни сме да ги слушаме оние што се носители на Апостолското Преемство – Епископите, и од нив поставените свештеници и старешини на црквите и манастирите; без оглед дали имаат духовно покритие за своите чинови и позиции или не; сѐ додека проповедаат православна вера. Ако немаат внатрешно духовно покритие за чиновите што ги носат, тие пак ќе бидат пророци, но само по службена должност; ние треба да ги слушаме – поради единството на Црквата, но тоа не е добро за самите нив“.