Божествена Литургија во Берово (11.08.2024 12:39)
Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот на „Свети архангел Михаил“, во Берово. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во беседата на Литургијата Владиката, меѓу другото, рече:
„Во денешното евангелско четиво опишани се две состојби. Првата е кога слепите повикуваат кон Богочовекот Христос: Помилуј нѐ, Исусе, Сине Давидов. Оваа состојба го покажува првиот степен од духовниот раст – чистење на срцето од страстите. За овој степен се карактеристични усно-умствената молитва и очистувањето на енергијата на умот, но исто така, и сè уште присутната затвореност на срцето за молитвата и непросветленоста на умот, т.е. духовното слепило. Кај слепите ја забележуваме не само упорноста во усната молитва, туку и свеста дека се слепи и дека треба да се ослободат од тоа слепило. Слепите веруваат дека Христос може да ги исцели. Свесноста за својата грешност и слепило, како и свесноста дека само Бог може да нѐ исцели од неа се основните темели на православниот духовен живот. Истото важи и за сите нас. Треба да знаеме дека духовно сме слепи (немаме умно-срдечна молитва и просветлен ум), треба да веруваме дека Христос може да нè исцели и треба оваа наша вера да ја докажеме со што почесто призивање на името Исусово, во покајание, без да дозволиме некој или нешто да нè попречува. Значи, во покајание и анонимност, а не да учителствуваме и да осудуваме...
Втората состојба што може да се издвои во денешното евангелие е кога Христос направи слепите да прогледаат. А штом дојде в куќи, слепците се приближија до Него. И Исус им рече: ’Верувате ли дека можам да го направам тоа?‘ Тие му рекоа: ’Да, Господи!‘ Само внатре во Црквата (в куќи), во нејзината Света Евхаристија, можеме вистински да Го исповедаме и да Му пристапиме на Богочовекот Христос, а потоа и да примиме исцеление од Него. Оваа состојба го покажува вториот степен од духовниот раст, а тоа е просветлувањето на умот. Просветлувањето, од една страна, претполага доволно очистена суштина на срцето од страстите, а од друга, тоа е Божји дар. Чистотата на срцето ја овозможува пројавата на благодатта на Крштението во него, како и симнувањето на умот во местото од каде што таа се пројавува“.