Божествена Литургија во Берово
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Берово (15.08.2024 21:14)

Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, во Берово. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во беседата на Литургијата Владиката, меѓу другото, рече: „Нели требаше прво, преку аскетско-исихастички подвиг, во послушание и анонимност, т.е. со земање на својот крст и со врвење по Христос, да го очистиме своето срце од страстите – процес кој се заокружува со аскетската умно-срдечна молитва и соодветно просветлување на умот, па потоа да видиме како да им помогнеме и на своето семејство, и на пошироката околина, па дури и на Црквата и државата. Не велам со ова дека не треба и да работиме или јавно да си го кажеме своето мислење и претходно – по некое прашање, но во послушание, смирено, со љубов, и целисходно – да допре до другиот; да гради, а не да руши. Посебно, во вакви комплицирани ситуации, каква што е македонската, мора да имаме барем основен страв Божји и една задршка, пред да направиме или кажеме што било: дека нешто можеби не знаеме, дека нешто можеби не ни е јасно, дека нешто можеби грешиме? Барем малку. Од каде тој толку самоуверен и самобендисан настап? Од каде таа сигурност при судење и осудување на другите или при оценување на состојбите? Од каде, ги прашувам, посебно оние што ниту висока позиција имаат во Црквата, ниту зборот нешто им тежи? Дали нашиот личен живот ни е доказ дека сме безгрешни? Сигурно не е. Тогаш, зошто...? Ако, на пример, на оној што сака и е во позиција да помогне да се реши една црковна поделба Бог му дава дури и посебна благодат, тогаш што ли ќе се случи со оној што свесно или несвесно одмага во таков случај? Светото Евангелие сите строго нѐ опоменува: „внимавајте да не станете и богоборци“ (види: Дела 5, 39). Вистина, мили мои во Христос, што ако и целиот свет го придобиеме, а на душата своја ѝ напакостиме?“