Божествена Литургија во Белград
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Белград (19.08.2024 16:01)

Денес, кога Црквата го празнува Преображението Господово на Тавор, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во храмот посветен на Рождество на Пресвета Богородица Ружица, во Белград, Р. Србија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата Владиката се обрати со следните зборови:

„Денес станува збор за промена и преображение што им се случува на самите Апостоли; бидејќи што може да Му се додаде на Оној во Кого пребива сета полнота на Божеството телесно од самото воплотување? Затоа денес не го славиме толку преображението Господово, колку преображението на Апостолите, како и можноста за нашето преображение. Светите Апостоли се вонредно обдарени од Светиот Дух да можат да ја видат божествената светлина, а Богочовекот Христос само им го покажал тоа што го имал од моментот на Своето воплотување. Толку се преобразиле и обожиле во тој момент, не само со душата туку и со телото, што и со своите преобразени телесни очи можеле да Го видат Богочовекот Христос во Неговата несоздадена светлина. Го виделе Богочовекот таков каков што Он Е. Редовно созерцание, а не вонредно и привремено – како што им се случило на тројцата Апостоли, е возможно само на третиот степен од духовниот развој – обожение, на којшто преку обожителната благодат се гледа божествената несоздадена светлина со преобразените телесни очи. „Во Твојата светлина ќе видиме светлина“.Да чуеме што вели свети Григориј Палама: ’Воведените во тајните од Господ (Апостолите), тогаш преку промената на сетилата, која во нив ја предизвикал Светиот Дух, биле приведени од состојба на тело во состојба на дух‘. И уште вели: ’Христос во моментот на Преображението не примил ништо што дотогаш немал, ниту се променил во нешто што претходно не бил, туку тоа го сторил за да им го покаже на Своите Ученици тоа што Он Е, отворајќи им ги очите и правејќи слепите да прогледаат. Гледаш ли, дека очите кои физички гледаат се слепи за гледање на Светлината? Значи, таа Светлина не е тварна и не може да се види со сетилните очи, туку тие со силата на Божествениот Дух биле подготвени да ја видат. Апостолите биле променети, и само така можеле да ја видат променетата форма; не таа која дури сега се покажала, туку таа којашто Он ја примил од самото соединување со нашата природа, обожена преку соединувањето со Словото Божјо‘“.