Божествена Литургија во манастирот Гргетег на Фрушка Гора, Србија (22.08.2024 11:13)
Денес, Митрополитот Струмички Наум отслужи Божествена Литургија во женскиот манастир Гргетег, на Фрушка Гора, во Р. Србија. На Литургијата, на Митрополитот му сослужуваше Архимандритот Доситеј, духовник на манастирот.
Во беседата на Литургијата, Владиката се обрати со следните зборови:
„Па, откако ги повика дванаесетте, им даде сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести, и ги прати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни“. Апостолите добиваат дар на сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести, и ги прати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни, но и после тоа паѓаат и се одрекуваат од Богочовекот Христос. Одговорот е поврзан со духовната состојба на Апостолите пред и после светата Педесетница; пред нивниот пад и одрекување од Христос, и после нивното покајание. Битно е да запамтиме дека и после вонредното добивање на благодатта, како што читаме во житијата на некои светители, можни се падови, но и повторно покајание. Вонредното добивање на благодатта е исклучок во животот на Црквата. Таква благодат најчесто добиваат епископите и свештениците како помош во раководењето со Црквата. Но, да внимаваме, да не се сметаме себеси за нешто големо, особено што тоа не нè ослободува од задолженијата и од правилата на редовниот пат. И на некои подвижници им е дадена вонредна благодат, како на пример на свети Силуан Атонски, но на свој начин отпосле и тој мора да ја полични, да ја направи сопствена, преку послушание и преку трпење волни и неволни страдања. Така и светите Апостоли, најпрво привремено ја добиваат вонредната благодат да исцелуваат и поучуваат, па потоа го поминуваат патот на искушенијата, падот, покајанието и плачот, за на крајот да се удостојат со маченичка смрт, со која и го оправдуваат претходно во нив вложениот дар Божји на големата апостолска или обожителна благодат. Она што јасно покажува дека некои свештени лица не ја сфаќаат состојбата на вонредна благодат е тоа дека таа им се дава да дејствуваат во рамките на нивните надлежности, но не и надвор од нив, а тие токму тоа го прават.“