Божествена Литургија во Брус, Србија (25.08.2024 11:33)
Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во сослужение на Архиепископот Крушевачки г. Давид во црквата ,,Свето Преображение Господово“ во Брус, Р. Србија. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
Во беседата на Литургијата, Митрополитот Струмички г. Наум, меѓу другото, рече:
„Бог прави чуда таму каде што има основа за чудо, односно таму каде што нема друго решение; кога заради Него и Неговата љубов даваме и од она што не е доволно ни за нас – е тогаш нема друго решение освен чудо. Убав пример се светите Маченици, кои го даваат и својот живот заради сведоштво на Христос; тогаш гледаме многу чуда и за време на нивното сведоштво преку мачеништвото и по нивното упокојување. Исто така, убав пример се вистинските монаси – и тие преку целосрдечното послушание го предаваат целиот свој живот во Божји раце, но затоа најмногу кај нив може да се забележат Божјите дарови на умно-срдечната и чудотворна молитва, поради којашто светот уште постои. Чудо се случува и кога даваме од своите материјални блага и им помагаме на оние што страдаат, во ситуации кога немаме доволно ни за самите себе. Тогаш Бог знае да ни врати и многу повеќе отколку што сме дале – но возвратот на доброто не смее да ни биде идеја водилка на нашите постапки.
Прашањето коешто се поставува сега е: дали имаше основа за чудо и во случајот на Апостол Петар? Дали тој дава нешто што не е достаточно и за самиот него или, пак, бара нешто што не е својствено за паднатата човечка природа? Дали тоа што го бара само за себе пред публика е заради Христос и заради Неговата љубов, или пак, заради нешто друго? И, дали Христовото „дојди“ беше благослов или изнуден благослов? Тешко дека ќе можеме позитивно да одговориме на овие прашања – затоа Петар и пропадна во водата. Верата не е непотребна егзибиција: „Ако си Син Божји, фрли се одовде долу! Зашто е напишано: ’На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе, да Те запазат‘“ (Лука 4, 9–10). И каков одговор доби ѓаволот? Знаеме: „Не искушувај Го Господ, својот Бог“ (Лука 4, 12). Е па, тоа е разликата меѓу Божјите чуда и демонските чуда. Едните се случуваат кога даваме иако немаме доволно ни за себе, во крајна нужда и безизлезна ситуација, заради сведоштво Божјо, заради Бог и заради Неговата љубов, што автоматски подразбира и заради спасение на сите луѓе; другите се случуваат заради барање, гордост, човечка и демонска слава, и заради држење на луѓето во страв и ропство. Со вторите чуда ќе се случи и доаѓањето на глупавиот антихрист. И така луѓето отсекогаш повеќе барале чуда и човечка слава отколку што Го барале Бог.“