Божествена Литургија во Велјуса (27.08.2024 12:17)
Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, во Велјуса. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
Во беседата на Литургијата Владиката, меѓу другото, рече:
„Проблемот што денешново евангелие го поставува е гносеолошки. Првосвештениците и книжниците се заинтересирани, не за познанието на Бог, туку за природата и изворот на Христовата власт, затоа што очигледни беа за сите чудата што Он ги правеше: „Со каква власт го правиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?“ Нивниот пристап е надворешен и е сведоштво за самољубиви луѓе кои се надеваат дека преку некое тајно и лесно стекнато знаење ќе ја остварат и задоволат својата страст славољубие. Христос на нивното прашање им одговара со прашање, давајќи им шанса да се покајат: „Јовановото крштевање од небото беше или од луѓето?“ Но наместо на покајание, сите сме сведоци на едно параноично размислување, на една пресметливост, чија крајна цел е грижата за сопствениот статус, за сопствените позиции, за сопствената власт, грижата за задоволување на сопствените страсти: „А тие се мислеа во себе и велеа: ’Ако кажеме: Од небото, ќе рече: Па зошто не му поверувавте? Но, ако кажеме: Од луѓето‘ – се плашеа од народот; зашто сите го сметаа Јован за вистински пророк“. Така, сакајќи на најбезболен можен начин да го избегнат одговорот на за нив незгодното прашање, првосвештениците и книжниците велат: „Не знаеме“. Тоа е всушност едно неволно признавање на нивната духовна состојба и единствена стварност за нив. Очекуван одговор од оние кои не знаат опитно дека познанието на Бог извира од животот во Бог и се случува во внатрешноста на очистеното, од страстите, срце. Богочовекот Христос им даде реална можност да го добијат одговорот на своето прашање. Доволно ќе беше само искрено да признаат и да одговорат дека Крштевањето Јованово беше од небото, за да им се отворат духовните очи и да Го препознаат Синот Божји во Човекот Исус, Кој пред нив стоеше. Но, очигледно тешко се ослободува човек од своето славољубие и тешко се смирува.“