Божествена Литургија во Берово (28.08.2024 20:38)
Денес, кога Црквата го слави Успението на Пресвета Богородица, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Берово. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Владиката на Литургијата се обрати со следните зборови:
„Какво тоа место и улога, преку Својот слободен и љубовен подвиг, си обезбеди Пресвета Богородица во Божјиот Домострој на нашето спасение? Прво, Таа стана нашиот единствен совршен дар на Бог; второ, нашата слободна и љубовна синергија со Бог совршено се оствари во Неа; трето, со Нејзиното да на Бог го овозможи и нашето спасение; четврто, Светиот Дух Господ само поради Неа се симна меѓу нас; петто, Нејзината позиција како Богородица е таква што само преку Неа Го добивме на дар нашиот Спасител – Богочовекот Исус Христос, како и секој совршен дар Божји потребен за наше спасение, но и секој наш дар за Бог, Он само преку Неа го прима; шесто, ние сме Нејзино тело и крв, односно Христови браќа по благодат, и Нејзини и деца Божји; и седмо, Она е Негова Мајка, Која Он заповедал да се почитува, а најголем израз на тоа почитување е Неговата љубов кон Неа, односно Неговото послушание кон Неа итн. Затоа и веруваме дека ако и најголемиот грешник (Нејзино дете) искрено Ѝ побара да го спаси, ќе биде спасен поради Нејзиното барање од Христос, т.е. поради нововоспоставените лични односи. Оваа наша доверба кон Богородица, како што видовме и како што знаеме, е поткрепена од севкупното Предание на Црквата, покрај догматското, и од житијата на светиите (колку само многу примери во нив може да најдеме), делата на Светите отци, животниот опит, како и од богослужбената пракса на Црквата насекаде во светот, на Света Гора и кај нас. Вообичаено кон Бог се обраќаме со зборовите – помилуј ме, како единствен нормален однос меѓу создадените и Несоздадениот; и илјадници маки да претрпиме, во Негова слава, не нѐ прават достојни за спасение – само Неговата милост нѐ спасува. Вообичаено кон светителите Божји се обраќаме со молитвата – моли Го Бог за нас! Само кон Богородица, во свеста и совеста на Црквата, а поради Нејзиното посебно место како Мајка Божја, вообичаено и благочестиво останало да Ѝ се обраќаме со зборовите – спаси нѐ! Кога и каде се обраќаме, веќе не е битно“.