Сеноќно бдение во Водоча (29.08.2024 21:17)
Во чест на преподобен Јосиф Исихаст, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија во сослужение на викарниот Епископ Стобиски г. Јаков, протопрезвитер-ставрофор д-р Владимир Вукашиновиќ од СПЦ, како и свештенството и монаштвото на Струмичката православна епархија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни и се поклони пред светите мошти на преподобен Јосиф Исихаст.
На Литургијата Владиката Наум се обрати со следното слово:
„Затоа ви велам дека царството Божјо ќе се земе од вас и ќе се даде на народ, што ги принесува неговите плодови.“ Царството Божјо ќе се земе од народи што формално имаат вистинска вера, но се загубиле негде по патот и наместо само пастирски однос кон овоземните форми на човечко оргнизирање (држава, нација, партија и слично – кое е потребно поради нашата падната природа), тие се поистоветиле со нив, како и со своите индивидуални интереси, страсти и Го отфрлиле Бог, и нормално, како такви, не можат да Му принесат на Бог никакви плодови, а можно е да се даде на оној народ кои на Бог Му ги принесуваат барем некои од основните човечки дарови, како на пример: на луѓе коишто си помагаат меѓусебно во семејството и во родот; кои ги помагаат едноверните браќа и сестри; кои не си ги убиваат своите неродени деца уште во мајчината утроба и кои се размножуваат - наместо да се чудат каков пол се („Плодете се и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа..." – 1 Мој. 1, 28). Треба ли тие да имаат и вистинска вера? Не! Вистинската вера е својство на духовната надградба. Доволно им е да ги принесуваат само некои од основните човечки дарови за да добијат можност да го прифатат и Царството Небесно. Ако случајно се покаеме, треба да знаеме дека цврста подлога на која може да го надградуваме нашиот духовен живот, во Црквата, за првото ниво на духовниот раст е подвигот на апсолутното целосрдечно послушание кон духовниот отец, кон Епископот на Црквата, а потоа, за второто ниво, е подвигот на аскетската умно-срдечна молитва и љубовта кон непријателите. Ова е светоотечко учење и Предание, и треба да бидеме многу внимателни и да не Го отфрламе, затоа што: „Кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а тој врз кого падне, ќе го здроби“. Паѓа врз каменот и се разбива тој што го прогонува, а каменот паѓа врз оној што погрешно ги учи луѓето, и го здробува“.