Умно-срдечна молитва и на првиот степен од духовниот раст – очистување на срцето од страстите
 
 
 
 
 

Умно-срдечна молитва и на првиот степен од духовниот раст – очистување на срцето од страстите (03.11.2024 20:14)

Умот има една енергија, а со истата извршува две функции: примарната – за молитва и заедница со Бог, и секундарната – за исполнување на Божјата волја. Ние најчесто и примарната и секундарната функција ја користиме за исполнување на нашата волја и тука нема божествено преобразување.

Речиси ништо не ни користи – за наше духовно растење, ако преку примарната функција на умот, неговата енергија молитвено ја насочуваме кон Бог, доколку истовремено, преку секундарната функција на умот, неговата енергија не ја насочуваме кон исполнување на Божјите заповеди – во послушание, смирение и анонимност. Активирањето на примарната функција на умот е прв поттик и за дејствувањето на секундарната функција, но втората мора постојано да ја следи првата, а и двете треба постојано да се надополнуваат и потсилуваат за да имаме успех.

Мнозина го превидуваат „горењето на срцата“, т.е. ретко кој се труди во молитвеното насочување на енергијата на својот ум кон неговата суштина во срцето. Зашто, без горење на срцето, и во сто „прекршувања на лебови“ да учествуваш нема да ти се „отворат очите“, односно нема преку просветлувањето на умот да Го познаеш Господ.

Постои умно-срдечна молитва и на првиот степен од духовниот раст – очистување на срцето од страстите; и нормално дека не сте чуле за тоа. Сега слушајте: енергијата на умот треба да се трудиме молитвено да ја насочуваме кон нашето духовно срце секогаш кога ќе ни се укаже можност за тоа. Додека се наоѓаме на првиот степен од духовниот раст ние нема да можеме да влеземе и да допреме молитвено, со нашата енергија, до суштината на срцето и до Божјата благодат – внатре во него, туку ќе стигнеме само до околината на срцето, затоа што срцето е отворено само за оние што се наоѓаат на вториот степен од духовниот раст – просветлување на умот. Но, и овој дострел на енергијата на нашиот ум е доволен и е во согласност со степенот на нашиот духовен развој, како и со Божјата волја, за да се нарече умно-срдечна молитва; и тоа е она што Господ Христос во Своето Евангелие нѐ советува: „Чукајте и ќе ви се отвори, барајте и ќе најдете“ (види: Матеј 7, 7), и без овој подвиг никој не може да се надева, ако говориме за редовниот пат, на друг начин да го добие дарот на аскетската умно-срдечна молитва. Со еден збор: сѐ си е точно како што треба да биде согласно нивото на кое се наоѓаме. И уште нешто: наша цел е преку овој подвиг да влеземе молитвено во срцето и таму да стапиме во заедница со Господ, но во овој подвиг се појавува и една колатерална штета, а тоа е демонот, кој после нашето Крштение, е истеран од центарот на нашето духовно срце и престојува во неговата околина. Така, кога ние енергијата на нашиот ум, преобразена од молитвата – затоа што никој не може да Го нарече Исус Христос – Господ, освен во Светиот Дух, ќе ја насочиме кон нашето срце, всушност, без да сакаме, го погодуваме токму него и тој од тие удари полудува. Затоа и ни се случува целиот тој отпор против овој подвиг: како прво, воопшто и да не го почнеме – презафатени од динамиката на овој живот, а како второ, и да почнеме, овој подвиг да ни биде прикажан, од демонот, во нашиот разум како бесмислен, тежок, попречен и слично, за да се откажеме од него. Но, Господ рекол: „ Кој чука ќе му се отвори, како и кој бара ќе најде; зашто, кој е тој човек меѓу вас, кој на својот син ако му побара риба [Христос], ќе му даде ли змија [демон]?“ (види: Матеј 7, 8–10). Затоа, овој подвиг мора да постои во нашиот христијански живот, ако сакаме и поголеми дарови, но истовремено, ова примарно користење на енергијата на нашиот ум – комуникацијата со Бог, треба да биде следено и потпомогнато и од секундарното користење на енергијата на нашиот ум – комуникацијата со овој свет, односно од послушанието кон духовниот отец при исполнувањето на Божјите заповеди – едното без другото е невозможно.

Ако точно ја користиме, и при нејзината примарна и при нејзината секундарна функција, енергијата на нашиот ум се преобразува од единството со Божествената несоздадена енергија. Што значи тоа точно користење на енергијата на нашиот ум? При нејзината примарна функција, енергијата ја насочуваме кон единствениот вистински Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух, а не кон некои лажни богови или кон некои безлични медитации, додека при нејзината секундарна функција, енергијата ја насочуваме кон извршување на Божјите заповеди, а не кон извршување на нашата волја – со цел да ги задоволиме нашите страсти. Правилното користење на двете функции на умот е клучно важно за правилно духовно растење. Доволно е едната функција да не ја користиме правилно, а тоа е најчесто примарната, т.е. молитвеното насочување на енергијата на нашиот ум кон Бог – во својата суштина, во срцето, па секакво духовно растење да биде прекинато, исто како и птицата што не може да лета само со едно крило.

Само откако ќе ја насочи човек енергијата на својот ум кон срцето, си доаѓа на себе. Инаку, цело друго време е надвор од себе.

Јас ти го пратив ова, за молитвата, затоа што ти, за разлика од многу други, навистина бараш и се интересираш за умно-срдечната молитва, а напишаново е така едноставно и сублимирано срочено што никаде на друго место не може да се најде така. Секако дека човек треба да е исповедан и причестен за успешно да може да ја насочи енергијата на својот ум молитвено кон срцето, кон неговата околина. Исполнувањето на Божјите заповеди и усрдниот молитвен подвиг се неразделни и се дополнуваат во светотаинскиот живот на Црквата, т.е. едното без другото се речиси невозможни.

Митрополит Струмички г. Наум