Бадникарска литија и концерт во Струмица (06.01.2025 15:16)
На Бадник, по Божествената Литургија, од соборната црква „Свети Кирил и Методиј“ најмалите со песна тргнаа кон центарот на Струмица за да го предвестат раѓањето на Богомладенецот. Коледарчињата го посетија градското Собрание каде што градоначалникот г. Костадин Костадинов, викарниот Епископ Стобиски г. Јаков, заедно со советниците им поделија празнични пакетчиња. Потоа, градскиот плоштад во Струмица се исполни со звуците на традиционалните божикни каланди, изведени од 200 деца, членови на Вокално-инструменталниот состав „Стихири“, како и децата од хорот при школото за веронаука „Свети Кирил и Методиј“. Специјални гости на настанот беа најмалите учесници – децата од градинките „Виножито“ и „Детска радост“ од Струмица. Нивната интерпретација на песната „Тивка јануарска ноќ“ ги исполни присутните со радост и топлина. Исто така, настапи и машкиот хор „Партениј Зографски“ при Струмичката православна епархија. Настанот е во организација на Фондација „Елеуса“ во соработка на Општина Струмица и Струмичката православна епархија.