Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (07.01.2025 15:43)

На празникот на Рождеството Христово, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот „Свети Григориј Палама, преподобен Јосиф Исихаст и преподобен Јустин Ќелиски“, во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, Водоча. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата Владиката рече:

„Сите се среќаваме со проблемот на мир, поточно – со недостаток на мир; пред сѐ, во самите нас, а потоа и во светот што нѐ опкружува. И на сите ни е потребен мир и сите бараме мир; додека, пак, нашето опкружување е полно со немир, неизвесност и страв. Мирот не е исто што и ладнокрвност, односно некоја самоконтрола над мислите и чувствата, па дури не е ни контрола и над најсуптилните органски процеси во нашето тело. Мирот не е ни бесчувствителноста на оние со растројство на личноста – социопатите и психопатите, некоја самодоволност и некоја сигурност што произлегува од власта и материјалната обезбеденост. Мирот не е ни во ропската самољубива покорност. Мирот не е ни некакво помирување со некаква судбина и слично. Мирот се наоѓа во сигурноста што ја имаме во Богочовекот Христос; во тоа што ние сме Негови – ние сме во Него и Он е во нас. Нашиот мир е во верата и довербата во Него, па што и да се случува внатре и околу нас. Во тоа многу ни помага опитот од животот во Него. Тој опит ни покажува дека што и да се случува, на крај, сѐ излегува добро – согласно потребите на нашето спасение. Опитот во Него ни покажува и дека мирот го губиме секогаш кога бараме човечка правда – кога бараме освета, т.е. зло за зло; дека само тогаш немаме мир, дека тогаш самите ги отвораме вратите на адот, т.е. им овозможуваме на демоните простор за делување во нашиот живот. Мирот се состои во барањето на Божјата правда – во нашата сличност со Него, во враќањето со добро на злото, во победата на љубовта над омразата. Целата тајна на Христовиот мир е во барањето на Божјата правда. А цела тајна на немирот и пеколот е во барањето на човечката правда. Барањето човечка правда ги држи нашите срца затворени за Христос, Кој, всушност, е нашиот Мир – и со Бог, и меѓусебен, и внатрешен. Токму тоа значат и ангелските зборови – „и меѓу луѓето добра волја“; добра волја е исто што и барање Божја правда. Мирот е Божјо својство, не постои надвор од Бог, надвор од животот во Него, надвор од љубовта Божја. Слава на Бога во висините!

Христос се роди!“