Монашење во Манастирот Велјуса (15.01.2025 15:48)
Денес, на денот на свети Серафим Саровски, во параклисот „Свети апостол Павле и свети Григориј Палама“, во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, Велјуса, Митрополитот Струмички г. Наум ја замонаши сестра Пелагија.
Во беседата Владиката, меѓу другото, рече:
„Оној што сака да се замонаши и да живее во манастир треба покрај општото правило – ставање на умот во процес на исцеление преку послушание кон духовниот отец – сѐ до отворањето на срцето за умно-срдечната молитва, да ги знае и трите посебни монашки правила: непоистоветување со помисли, желби и чувства – додека не се проверат со духовниот отец; правилна исповед – ја исповедаме својата несличност со Христос, а не – кој што ни направил неправедно; и континуиран аскетско-исихастички подвиг – најмалку до просветлување на умот. Исто така, добро треба да е обучен и во општохристијанскиот подвиг: живот сфатен како давање, а не – барање; восогласување со Божјата правда, а оставање на човечката на надлежните; и одење со мислата подолу од тоа со коешто демонот сака да нѐ повреди. Само исполнувањето на овие правила може да го донесе толку потребниот монашки плод – умно-срдечниот плач и молитвата за спасение на целиот свет“.