Божествена Литургија и Голем Богојавленски водосвет во Водоча (18.01.2025 22:13)
Денес, на празникот Водокрст, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот „Свети Григориј Палама, преподобен Јосиф Исихаст и преподобен Јустин Ќелиски“ во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча, и Голем Богојавленски водосвет на Водочката река.
Во беседата на Литургијата Владиката се обрати со следните зборови:
„Деца, ако сакаме Господ сигурно да ни ја послуша молитвата, треба да имаме молитвен допир со Него; слично како и крвоточивата жена што имаше вистински допир до Христос за разлика од сите оние што се туркаа околу Него. А молитвата си бара концентрација – тоа е првиот услов. А вториот е малку потежок, треба да имаме живот со искуство од нашиот однос со Него; и тоа – долгогодишен. Ако тоа го немаме, можеме барем да плачеме; да застанеме како никој и ништо – што е и вистина, пред Оној што ни е сѐ; да застанеме во покајание пред Него. И таа молитва Господ ја слуша. Во овој молитвен допир има нешто лично, што е над секоја фантазија, идеја и чувства. Во овој допир ние стануваме вистински свои, стануваме личности, постоиме. На овој допир најмногу нѐ учи молитвата за другите, молитвата за оние што страдаат. Не поминувајте туку така преку барањето да се помолите за некој што страда, таа молитва најмногу ни помага да се научиме на таквиот допир; посебно Литургијата. Секоја вест за оние што страдаат е можност да се учиме на овој допир. Замолете ја нашата Мајка, Пресветата Владичица наша Богородица, да ве научи на оваа молитва; Таа е нејзиниот извор. За со Неа не ни треба никаков посебен допир...“