Божествена Литургија во Струмица (20.01.2025 16:43)
Денес, на празникот на Соборот на свети Јован Крстител и Предвесник, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во црквата „Рождество на свети Јован Крстител“, во Струмица. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
Во беседата на Литургијата, Владиката рече:
„Се чудам понекогаш на пoвршноста кај луѓето, посебно – ако се во некој свештен чин. На пример, еднаш еден имаше напишано дури и книга против редовното причестување, т.е. против начинот и времето на причестување определено од Светите канони и од Светите отци на Црквата. Од нив е одредено дека не смеат да поминат три недели, а човек неоправдано да не се причести – инаку не се смета за член на Црквата, дека целта на секоја Света Литургија е причестувањето со Телото и Крвта Христови; одредено е и кога и како се пости, одредено е сѐ. Секој што поучува поинаку од одреденото, пренесува демонско учење. Сепак, суштината на причестувањето се покајанието и плачот; ни честото ни реткото причестување – тоа зависи од условите. Друг, пак, пишувал за молитвата во името Христово – „Господи Исусе Христе, помилуј нас“, и повторно е промашена суштината. Суштината на молитвата се покајанието и плачот; ни која молитва кажуваш, ни дали е долга или кратка, ни колку често ја кажуваш, ни кој ти е духовен отец, ни ништо друго, дури ни дали точно ја кажуваш, важни се само плачот и покајанието, односно, живот восогласен со молитвата. „Исусовата молитва“ е одредена од Самиот наш Господ - Исус Христос, и тоа во исто време со востановувањето на Светата Евхаристија: „Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете“ (Јован 16, 24). Генерално, ретко кој пишува за суштината. Интересно е што, пак, никој од таквите не сака да знае за едно друго учење од Светите отци – што директно нив ги засега, а тоа е дека за ракополагање во некој од свештените чинови – ѓаконски, презвитерски или епископски, потребно е и внатрешно духовно покритие: за ѓакон – напреден стадиум на очистување на срцето од страстите, за презвитер – просветлување на умот, кое доаѓа од дарот на аскетската умно-срдечна молитва, а за епископ – обожение на личноста. И повторно се промашува суштината – овој пат на свештеничкиот чин. Има и уште многу друго – а сѐ е поврзано, на пример: не ја сфаќаш умно-срдечната молитвата, а таа е самото внатрешно духовно покритие за презвитерскиот чин што го носиш; да се праша човек – што стварно правиш тука? Но, заморен сум веќе од површноста - и во себе и во другите“.