Божествена Литургија во Струмица
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Струмица (09.02.2025 21:54)

Денес, во Неделата на митарот и фарисејот, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, во Струмица. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата, Владиката се обрати со следните зборови:

Уште нешто за постењето и за причестувањето со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови – за оние што веруваат. Пак ќе кажам: работите се многу едноставни, но нашиот непросветлен ум – под демонско влијание и човечко предание, тежнее да ги искомплицира. Ако сакаме да се исцелиме и духовно да созрееме, треба само да сме им послушни на Светите Канони (Правила за однесување) на Црквата составени од Светите Апостоли, како и од Светите отци – на Светите Вселенски Собори; едноставно – составени од Светиот Дух Господ. Покрај тоа што нашиот ум го ставаме во процес на исцеление преку послушание кон духовниот отец, исто така, нашиот ум влегува во процес на исцеление и преку послушание на Светите Канони. Затоа, ако со Светите Канони се одредува дека некогаш ќе постиме неколку часа, или еден ден, или десетина дена, или неколку седмици, ние ќе постиме точно така како што е во нив одредено; нема ништо ни да додаваме ни да одземаме. И ако со Светите Канони се одредува дека не смеат да поминат три недели без да се причестиме – неоправдано, или дека треба да се причестуваме целата Светла Седмица, ние смирено точно така ќе направиме и нема да додаваме или одземаме, односно да менуваме, од тоа што е одредено. Постапувајќи на овој начин може да се случи да се причестуваме во период во кој ќе постиме десетина дена или повеќе седмици, а може да се случи да се причестуваме во период кога не се пости и ќе имаме само еднодневен пост (среда или петок) или само пост од десетина часови – како на пример, од сабота навечер до недела наутро, и најнормално ќе се причестиме така како што е одредено. Значи, Светите и непроменливи Канони на Црквата ни одредуваат, но и нѐ ставаат во позиција некојпат да се причестиме после еден или неколку дена пост, а некојпат после десетина часови пост; некојпат за време на долги пости – каков што е Великиот пост, а некојпат кога не се пости – како што е Светлата Седмица, и ние треба само смирено да ги послушаме. Нашиот духовник може само да ја прилагодува примената на Светите Канони – во посебни конкретни случаи, но нема право да ги одменува, т.е. да спроведува некое друго и ново учење меѓу луѓето што се обраќаат кон него или, уште полошо, јавно – преку електронските медиуми. Како што забележавте, Светите Канони (Правила) воопшто не го поврзуваат причестувањето исклучиво со телесен пост од подолг период, туку бидејќи имаме и многу кратки периоди на пост, нивната тенденција очигледно е, пред сѐ, смирението на нашиот ум и негово ставање во процес на исцеление преку послушание кон истите – точно така како што тие одредуваат; но затоа, пак, причестувањето недвосмислено го поврзуваат со духовниот пост – со немислење, незборување и неправење зло, а чинење добро. Значи, прва цел на Светите Канони е исцеление на нашиот непросветлен ум – таму каде и што се случил нашиот пад, покајание и смирение, како и поинтензивен православен духовен живот и редовно причестување, а не исцрпување на телото, високо мислење за самите себе и неспособност за дејствување; а уште помалку нивна цел е некој да ги злоупотребува. Ако веќе е тоа јасно, тогаш се поставува едно нормално прашање, зошто некои свештени лица си дозволуваат да воведуваат нови правила и да поучуваат спротивно од насоките на Светите Канони? Во досегашната моја служба, како Епископ на Црквата, забележав повеќе негативни пројави кои се резултат на таквиот погрешен став (за кои подобро и да не знаете), но причината е секогаш иста: немање внатрешно духовно покритие за свештените чинови што ги носиме, односно отсуство на дарот на аскетската умно-срдечна молитва, како и на просветлувањето на умот – што произлегува од таквата молитва. Свештеникот што нема внатрешно духовно покритие, нема ни авторитет што извира од него, а суетата го тера својот авторитет да го црпи барем однадвор. Токму таквото барање од луѓето – да постат повеќе денови пред Причест – од предвиденото со Каноните, а истовремено тврдењето дека свештеникот не требало да пости тогаш поради тоа што тој служел – божем тој сам може да служи Света Литургија, е цврст показател на црпење авторитет однадвор. И постојано луѓето се држат во ропството на незнаењето и се товарат со најразлични ненормални товари, само и само некој на нивната мака да го гради авторитетот што внатрешно го нема. Ваквото однесување се нарекува и злоупотреба на Светите Канони. Од друга страна, истиот тој свештеник не можеш да го видиш да даде пример и да го чуеш да ги советува луѓето да помагаат на оние што страдаат – што е бескрајно поважно од телесниот пост, затоа што и самиот тој тоа не го прави – што е очигледно од неговата изобилна имотно-материјална состојба, а за истите такви, но безбрачни свештеници – да не ни зборувам, тие се па ептен за греота. Не знам кога овие луѓе, веќе еднаш, ќе ги разберат Христовите зборови: „милост барам, а не жртва“, и не знам како може да им биде мирна совеста, а да поучуваат и прават нешто што е спротивно на Светите Канони на Црквата – нешто што ни светите Ангели не смеат? Затоа – покајание. Секој покајник ќе биде пречекан од Црквата на Отецот и Синот и Светиот Дух, во секогаш отворените прегратки на Пресвета Богородица.