Божествена Литургија во Струмица (15.02.2025 09:14)
Денес, на празникот Сретение Господово, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во црквата „Свети Григориј Палама и свети Димитриј Мироточив“, во Струмица. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
Во беседата на Литургијата, Владиката се обрати со следните зборови:
„Три главни вида Сретение, на средба со Господ, ни се случуваат на нас христијаните во овој живот. Првата средба е кога ќе ја примиме полнотата на Божјата благодат во нашето срце, преку Крштението, и кога ќе го внесеме нашиот ум во процес на исцеление, преку послушание кон нашиот духовен отец – Епископот, или кон од него поставениот и нему послушниот духовник. Оваа средба со Господ е посуштинска отколку средбата од денешниов празник, затоа што ние сега Христос Го примаме во себе, а светиот Симеон само во своите прегратки. Вториот вид средба е кога енергијата на нашиот ум молитвено ќе ја насочиме кон Бог во нашето срце, при примарната функција на умот. Третиот вид средба е кога енергијата на нашиот ум ќе ја насочиме кон овој свет, исполнувајќи ги Божјите заповеди – пред сѐ, на љубовта кон нашите ближни, при секундарното функционирање на нашиот ум. Во ова спаѓа, на пример, и грижата за здрава околина за живот, или обезбедување нормални услови за развој на нашите деца – кои треба да ги заштитиме од разни туѓи на Христовата вера идеологии за време на нивното воспитание и образование. Кога говорам за послушанието, безброј пати сум нагласил: тоа не е еднаш засекогаш зададен идолопоклонички однос кон некој човек, тоа е само привремено ставање на умот во процес на исцеление преку послушание кон нашиот духовен отец – Епископот, и тоа само до отворањето на срцето за умно-срдечната молитва и до просветлувањето на умот – што од овој вид молитва произлегува, не и никако потоа. Секташки, како и идолопоклонички однос, бараат оние „духовници“ кои бараат вечно послушание, а секташки однос градат оние „духовни чеда“ кои прифаќаат такво послушание; па дури го спроведуваат на дело и откако нивниот „духовен водач“ ќе умре или ќе се изгуби негде; одбивајќи, на тој начин, да пораснат некогаш. Исто така, ако духовниот отец види дека неговите духовни чеда до одредена возраст (на пример, до 30 години) не ја сфатиле великата тајна на послушанието, не треба повеќе да инсистира на истото, туку треба да им ја подари сета љубов и слобода што ја има, така што, откако, на крај, неговите чеда ќе се потрошат самите себе исполнувајќи ја сопствена волја во овој свет, да имаат каде да се вратат. Истово важи и за телесните родители. На сите нам ни треба многу плач и покајание при тајноводството на нашите чеда“.