Божествена Литургија во Берово
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Берово (16.02.2025 15:07)

Денес, во Неделата на блудниот син, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, во Берово. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата, Владиката рече:

„Во што се состои нашиот проблем кога денес го слушаме евангелието за „блудниот син“? Токму во фактот што ние не се препознаваме себеси во него, ниту лично, ниту нашата црковна состојба. Конкретно, не се препознаваме ниту во улогата на блудниот син, ниту во улогата на постариот брат, а најмалку во улогата на Таткото. А ако еден христијанин не се препознава во Светото Евангелие, тогаш во што? Не се препознаваме во блудниoт син затоа што се гледаме себеси „воцрковени“, без да го провериме квалитетот на нашиот „духовен“ живот со светоотечкото подвижничко Предание. Не се препознаваме во постариот син затоа што не се чувствуваме одговорни за нашите празни цркви, за сите оние што ретко или никогаш не стапнуваат во нив, а камоли нешто повеќе да ги заинтересира. И најмалку се препознаваме во улогата на Таткото, затоа што за тоа треба внатрешно духовно покритие, не само за свештените чинови што ги носиме, туку и за самото име христијанско. Требаше да нѐ освести барем црковната состојба, затоа што е речено: „По тоа ќе ве препознаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13, 35). Прашањето е: ако немаме љубов меѓу себе, чии ученици сме тогаш и кого сведочиме на тој начин? Некогаш некој беше рекол, претерано малку, но впечатливо: ако христијаните живееја навистина како што доликува, тогаш целиот свет ќе беше Црква. Да, токму постариот брат и неговиот нељубовен однос беа главната причина за помладиот брат да ја напушти заедницата. Оваа вистина убаво се гледа во моментот кога постариот брат завидува и негодува поради радоста и пречекот што таткото го прави за враќањето на помладиот брат. Точно е дека помладиот брат беше палав и слободољубив, но него не му недостасуваше никаков имот или слобода, туку љубовта и заедницата на постариот брат; тој однос беше тоа што го немаше и што мислеше дека на друго место ќе го најде, надвор од заедницата што ја основа неговиот Татко. А заедницата беше таква затоа што нивниот Татко на сите им беше подарил слобода, а сите сами, преку личен подвиг, непринудно требаше да ја достигнат љубовта и совршенството на заедницата, како и на личното самоостварување. Кога помладиот брат потполно се истроши самиот себе, тој сфати дека надвор од заедницата што ја основа неговиот Татко нема ни слобода ни љубов, и дека целиот негов подвиг, како и барање на личен однос и заедница, можат да се остварат само таму; и тој се врати. Се врати да го спаси својот брат и себеси, затоа што и нема друг начин како да се спаси себеси освен во личносна заедница. Неговото враќање беше овозможено од односот на неговиот Татко, при Кого единствено се чувствуваше љубен и слободен, и од Кого црпеше сила за лична љубов и слобода и за љубовна и слободна заедница. Не знам дали некогаш воопшто ќе можеме да го познаеме страдањето, болот и распетието на Татковата љубов при трпењето на промените во однесувањето на Неговите деца, но знам дека ни недостасува многу плач и покајание за да ја поправиме состојбата во којашто се наоѓаме“.