Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (09.03.2025 12:22)

Денес, во Неделата на Православието, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот „Свети Григориј Палама, преподобен Јосиф Исихаст и преподобен Јустин Ќелиски“, во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, Водоча. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата, Владиката рече:

Ереста, во формалните рамки на Православната Црква, не може да се случи преку нарушувањето на нејзините догми или преку стапување во заедница со еретици – тоа никој не смее да го направи, туку таа се пројавува во злоупотребата на светите Канони, типиците, формите и предметите на Црквата; и, кога и да е, се појавува како раскол. Чудна некоја склоност и тенденција има паднатиот човек – од сѐ да прави идол, посебно од своето мислење; па макар да се претставува и како човек на Црквата. Никаква форма или типик или свет Канон или предмет не е поважен од конкретниот човек што бара спасение, т.е. подобие, и кој е жива икона Божја; како што вели еден светител – мислам дека беше Никола Кавасила: „Нема ништо посвето од човекот“. Што сака да ни каже? Сака да ни каже дека ако формата, типикот, светиот Канон или предметот – тука спаѓа и црковниот имот, ги ставаме во служба на спасението на конкретниот човек во Црквата, тогаш тие имаат своја смисла и улога во неа, но ако конкретниот човек, преку нив, се обидеме да го направиме роб на истите, или да го отстраниме како непријател, за да го пополниме јасното отсуство на внатрешниот авторитет и да оствариме не знам какви световни интереси, во тој случај тие стануваат непотребни идоли, а човекот – посебно жената, кој преку нив, се обидуваме да го потчиниме и унижиме, всушност го одбиваме од Црквата. Човекот што се обраќа кон Црквата за помош треба да го прифатиме таков каков што е – каков што самиот се чувствува, претставува и изгледа, и сѐ што имаме да ставиме во служба на неговото спасение, а кога тој ќе порасне – духовно, самиот ќе посака да се стави во служба на Црквата што саможртвено го родила и одгледала. Формата, типикот или светиот Канон треба да ги прилагодиме според физичките и духовните сили на конкретниот човек, без притоа формално да ги менуваме, а човекот треба да го пораснеме кон нивно исполнување, но и надминување – од икона во Вистина. Токму ова значат Христовите зборови: „Скапо сте платени, не станувајте робови на луѓе“.