Крстопоколона недела
 
 
 
 
 

Крстопоколона недела (23.03.2025 13:31)

Пред Крстопоклоната седмица многу размислував за следново: Кога помладион син расипник – т.н. блуден син, потполно се истроши самиот себе, слично како повеќето од нас од погрешниот, односно промашениот начин на живот, тој сфати дека надвор од заедницата што ја основа неговиот Татко – нашиот Бог, нема ни слобода ни љубов, и дека целиот негов подвиг, како и барањето личен однос и заедница, можат да се остварат само таму; и тој се врати при својот Татко – како и повеќeто од нас кога ќе го освестиме истото. Се врати да го спаси и својот брат – поради чиј нељубовен однос си замина, и себеси, затоа што и нема друг начин како да се спаси човек себеси освен во личносна заедница и со својот брат. Клучен момент за разбирање на Тајната на нашиот Крст е дека нашето спасение е суштински поврзано со спасението на нашиот ближен, т.е. брат, кој и да е тој и колку и лошо да се однесува кон нас. Не можеме да се спасуваме себеси без истовремено да се грижиме за спасението на нашите ближни – какви и кои и да се тие. Ако ова не се сфати – нема христијанство, нема ништо. Неговото и нашето враќање е овозможено од односот на неговиот и наш Татко, при Кого единствено се чувствуваме љубени и слободни, и од Кого црпиме сила за лична љубов и слобода и за љубовна и слободна заедница со другите – која ги надминува димензиите на овој живот и влегува во Царството Божјо, на Новото Небо и Новата Земја. Тоа што за ваков подвиг треба внатрешно многу да се преобразиме е, пак, друга димензија на Крстот, но дали е тој подвиг правилен и успешен се гледа само од односот кон нашиот ближен – и додека е жив и по „смртта“. Единствено на овој начин – трудејќи се и за спасението на својот брат, можеме вистински да се поклониме на распнатиот Христос. Сознанието на вистината дека секој еден од нас е виновен за сѐ, е од суштинска помош во овој подвиг.

Митрополит Струмички Наум