Воскресна Литургија во манастирот „Свети Леонтиј“ во Водоча (20.04.2025 15:06)
„Лагата опијанува со слаткоречивост, но нејзините плодови се горки. Вистината е остра како меч и во прв момент може да делува одбивно, ама затоа, ако ја прифатиме, брзо го трезни нашиот разум. Христовото Воскресение е сржта на нашето постоење, вечно и времено, а не само народен фолклор и традиција – време за забава. Само во Црквата – Која е Тело Христово, Воскресението Христово е истовремено и Крст, а Крстот Христов е и Воскресение. Ако Воскресението не го видиш уште на Крстот како живот вечен – во Црквата, тогаш си во опасност крстот да го видиш при Воскресението на мртвите само како суд – надвор од Неа. Затоа, ако на својот животен пат гледаш само крст без Воскресение, т.е. само страдање без божествена утеха и радост, или ако гледаш само воскресение, т.е. некој вид радост и утеха, но без Крст, односно без страдање заради Христос – надвор си од Вистината; и од Црквата Христова. Во таков случај, побрзај да се вратиш, преку волев подвиг и благодарност на Бог за сè, на правиот Пат – Христос, Кој е Живот и Вистина. И ќе воскреснеш за живот вечен, а не за суд; уште веднаш – во овој живот. Христос Воскресе!“ – Митрополит Струмички Наум