Божествена Литургија во Велјуса (21.09.2025 11:34)
Денес, на празникот на Раѓањето на Пресвета Богородица, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, во с. Велјуса. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
На Литургијата Владиката се обрати со следните зборови:
При изговарањето на молитвата „Господи Исусе Христе, помилуј нѐ“, енергијата на нашиот ум треба да биде насочена кон изворот на нашето внатрешно слово – нашето духовно срце, и само на тој начин можеме да ја исполниме Христовата поука: „Оној што бара – ќе најде и на оној што чука – ќе му биде отворено“ (види: Матеј 7, 7–9). Колку овој подвиг и да ни изгледа тегобен не треба да го напуштиме – затоа што ни е голем дар Божји кој, ако го отфрлиме, е исто како да сме Го отфрлиле и Самиот Бог. Дар Божји е пробивноста на енергијата на нашиот ум до околината на нашето срце и можноста да почука на неговата врата. Без овој подвиг, на постојано молитвено барање и чукање пред вратата на нашето срце, каде што се наоѓа полнотата на Божјата несоздадена енергија, т.е. благодат, добиена при Светото Крштение, никој не може да каже дека живее православен духовен живот.
Мислам дека неколку тврдења од претходниот пасус е добро накратко да се објаснат.
Прво: Овој подвиг не треба да го напуштиме – затоа што ни е голем дар Божји кој, ако го отфрлиме, е исто како да сме Го отфрлиле и Самиот Бог. Еве и зошто. Богочовекот Христос ни ја донесе благата вест дека Царството Небесно е внатре во нас (види: Лука 17, 21), како и: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме кај него и живеалиште во него ќе направиме“ (Јован 14, 23), и затоа ни вели: „Барајте го најнапред Царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6, 33). Има и многу други места, но за паметниот доволно. Значи, после вакви јасни Господови тврдења и насоки или треба да немаш вера, или треба да си телесно болен, или интелектуално заостанат за овој подвиг да отсуствува од твојот живот. Притоа, ние не го бараме ниту местото на срцето, ниту дарот на умно-срдечната молитва, ниту каков било друг дар Божји, туку Христос – само ја градиме личната заедница со Него.
Второ: Колку овој подвиг и да ни изгледа тегобен не треба да го напуштиме. Ја кажавме основната причина – зошто не треба да се напушти, а сега да видиме како да ја надминеме тегобноста на самиот подвиг. Кога ќе се сретнат со оваа тегобност во своето срце, луѓето се однесуваат главно на три начина. Два од нив се многу погрешни – или веднаш го напуштаат тој подвиг или повремено се навраќаат на него – да си пробаат, можеби ќе им помине. А што точно треба да направиме? Штом налетаме на таа нејасност, темнина, нелагодност и затвореност на нашето срце, единствена можност да останеме постојано во неговата околина и да забележиме дека вратата на нашето срце полека се подотвора е да заплачеме. Колку поголема тегоба, толку поголема причина за плач. На плачот треба да се принудиме себеси, а плачот ќе дојде во онаа мера и брзина колку што е нашиот копнеж по Бог и колку што ги исполнуваме Божјите заповеди. Плачот треба задолжително да биде поврзан со свесноста за личната одговорност за секое зло што се случува во овој свет, како и за затвореноста на самото срце.
Трето: Дар Божји е пробивноста на енергијата на нашиот ум до околината на нашето срце и можноста да почука на неговата врата. Знаете и самите што се случува со оние кои не го искористиле својот талант и Му го вратиле на Господ: „Пристигна и оној што беше зел еден талант, и рече: ’Господаре, те знаев дека си жесток човек: жнееш, каде што не си сеел, и собираш, каде што не си веел; па се уплашив и отидов, та го сокрив твојот талант в земја; ете ти го твоето‘. А господарот му одговори и рече: ’Лукав и мрзелив слуго! Ти знаеш дека жнеам, каде што не сум сеел, и собирам, каде што не сум веел; затоа требаше моето сребро да го дадеш на трговците, па јас, кога ќе дојдам, ќе си го приберам своето, со добивка; земете го од него талантот и дајте му го на оној што има десет таланти; зашто секому што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној што нема, ќе му се одземе и она што го има; а лошиот слуга фрлете го во крајна темнина: Таму ќе биде плач и крцкање со заби‘“ (Матеј 25, 24–30). Проблемот е во тоа што опишаното се случува уште во овој живот – даровите им се одземаат на оние што не ги ползуваат, за да не бидат повеќе осудени, а им се даваат на оние кои најмногу ги ползуваат.
И четврто: Без овој подвиг никој не може да каже дека живее православен духовен живот. Ако некој не Го бара Бог – не се труди да се даде и да изгради личен однос со Бог, Кој целосно му се дал, и не го бара Царството Негово; ако не покаже делатно покајание и постојаност во подвигот; ако не го користи дарот, талантот или талентот Божји, и го крие во себе или потполно го отфрла, тогаш како таквиот може да тврди дека живее православен духовен живот? Без оглед каков чин или каква функција има во Црквата – не може. Може има некаков невротичен или растроен живот и му е дарувано некакво битие, но тоа сигурно не е благобитието на просветленоста, како и вечното благобитие на обожението што ни ги носи само православниот духовен живот.
Умно-срдечната молитва е откриена од нашата Владичица Богородица, како Нејзин и најсигурен пат до Бог, и ни е дарувана нам – за наше спасение. Го отфрлиме ли подвигот во оваа молитва, Ја отфрламе и Неа.
Пресвета Богородице, спаси нас!