Божествена Литургија во Водоча (22.09.2025 11:41)
Денес, на празникот на светите праведни Јоаким и Ана, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот на манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча.
Во беседата на Литургијата, Владиката рече:
„Главното предание или опит или знаење кое што духовниот отец треба да им го пренесе на своите духовни чеда и да ги обучи во него е подвигот во молитвеното тихување на умот во срцето, т.е. подвигот на умно-срдечната молитва, и ништо друго нема поважно од ова.
Не мора формално да се говори за умно-срдечната молитва, но суштински секоја наша беседа, во храмот, треба да предизвика покајание, т.е. преумување, т.е. молитвено насочување на енергијата на нашиот ум кон нашето срце, кон Царството Небесно таму вложено од денот на нашето Крштение.
За навистина, одредена беседа, да може да го допре срцето на слушателот, истата треба да биде изречена на вистинско место, во вистинско време и од вистински беседник. Првите два услови можат да го надополнат недостатокот на третиот – оти тогаш Христос надоместува.
Право вистинско место е Светата Литургија; вистинско време е веднаш после читањето на светото Евангелие, а вистински беседник е оној кој што ја активирал Божјата благодат во своето срце, добиена од моментот на светото Крштение, а која го преобразила и неговото слово.
Само оној што го преобразил своето внатрешно слово – чиј извор е нашето духовно срце, може со него да допре до срцето на оние што го слушаат. Таквиот, кога и да оцени дека треба да проговори, нема проблем со постигнувањето на целта – и така, нему сѐ му се смета во Литургија.
Постојат и луѓе кои при своето беседење ги занемаруваат првите два услови, а го немаат третиот. Нема да ги опишувам таквите говори – од бессилно морализирање, преку празно филозофирање па сѐ до недозволиво политизирање, но и таквите можеме да ги искористиме во наша полза. Како?
Секојпат кога во храмот ќе слушнеме несоодветен, недуховен говор, вината за тоа промашување и штетата од него, ќе си ја припишеме себеси, додека не ни предизвика болка и плач во срцето; и целта е повторно постигната – молитвено враќање на умот во нашето срце.
Сѐ што лошо ни се случува во животот, ни се случува за да ја откриеме нашата лична одговорност за истото и да си ја вратиме молитвено енергијата на нашиот ум кон нашето срце. Лесно е другиот да ни е виновен и да си ја расееме нашата енергија надвор од срцето, но последиците се тешки.
По молитвите на света Ана, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ!“