Божествена Литургија во Суви Лаки, Беровско
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Суви Лаки, Беровско (23.09.2025 11:51)

Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во скитот „Благовештение на Пресвета Богородица и свети Григориј Палама“ во Суви Лаки, Беровско.  

Во беседата на Литургијата Владиката рече:

„Ајде, повторно, по којзнае кој пат, да ги ставиме работите на свое место.

Кога се бориме за Божјата вистина или за Ипостасната Вистина – Богочовекот Исус Христос, не смееме да се водиме од други групни идеолошки интереси, кои, патем речено, секогаш се сведуваат на наши индивидуални интереси – кои само се покриени со колективната маска; туку, во таа борба, ние само Му служиме на Бог – исполнувајќи ја Неговата волја и прославувајќи Го Него, и тоа – како деца Божји, само давајќи Му се Нему, без никаков наш интерес или барање; дури ако треба и на наша штета. Притоа, нас не нѐ интересира дали таа борба ја предводат верските водачи, или тие не покажуваат никаков интерес, или нѐ предаваат при истата. Или дали сме сами во тоа или има некој со нас. Борбата за Божјата вистина е независна од кого било и од што било. На Страшниот суд одговор даваме само за себеси и за нашите дела. Од Божјата вистина не можеме да отстапиме.

Како го препознаваме оној кој божем се бори за Божјата вистина, а всушност заштитува некои свои индивидуални интереси, во склопот на други групни идеолошки интереси? Го препознаваме по тоа што додека групата со спротивни идеолошки интереси промовира некоја безбожна идеја, таквиот е многу активен, но ако, групата со негови исти идеолошки интереси, евентуално, го направи истото или не го поправа досега расипаното – а има можност, тогаш тој, божем, од некакви оправдани причини се повлекува и се пасивизира од таа борба. Го препознаваме по срцето неочистено од страстите. Луѓето можеме да ги излажеме, ама Бог – не!

Исто така, таквата борба треба да се води колку што е можно бестрасно – ние не го мразиме човекот, туку гревот. Затоа, кој било активизам на ова поле треба да е покриен со исихазам, т.е. со молитвено тихување на нашиот ум во срцето; во молитва и за нарушителите на Божјите заповеди, како и со добри дела кон нив. Дури и да се случи нашите меѓучовечки односи да се нарушат во таа борба – што е очекувано, треба да се потрудиме да ги поправиме – секако, со сѐ она што зависи од нас и доколку зависи од нас. Но, никогаш да не заборавиме – ние сме сепак виновни за сѐ.

Црквата мора да е отворена за сите. Епископот, т.е. духовниот отец, мора да е отворен за сите. И духовниците, во послушание кон својот Епископ, мора да се отворени за сите. Никогаш не знаеме кога Бог некого ќе го повика на покајание и кога тој ќе го прифати тој повик; а секој ќе биде повикан. Затоа, вратата на нашето срце, а со тоа и на Црквата, а со тоа и на Царството Небесно, мора да биде секогаш отворена за покајникот. Ако треба ќе чекаме и со години. Зашто нема поголема радост во Царството Небесно од еден грешник што се покајал.

Единствена основа за покајание на еден грешник е љубовта Христова, која ние треба секогаш да ја сведочиме. Љубовта кон Бог и кон секој човек, колку и да е грешен, е единствената наша влезница во Царството Небесно; пред сѐ, во нашето срце; и единствената привлечна сила за покајание на грешните. Да не се случи да го чуеме на крај гласот: „ниту вие влегувате во Царството Небесно, ниту ги пуштате да влезат тие што сакаат“.

Има уште многу да се пишува на оваа тема. Ова, само малку, колку да потсетам дека Епископот сѐ гледа. Називот епи-скоп тоа и значи – оној што надгледува, надзорник. И не само што надгледува, туку и однапред знае, затоа што и лесно предвидува. А каде што е Епископот, таму е и Црквата Божја; не се делете од него – ни со мисла, а камоли со збор или на дело. Ништо на добро не излегува без негов благослов. Дури и борбата против злото, надвор од заедницата со него – намерно, станува борба во корист на злото. И, не е тој под вашиот суд, туку вие сте под неговиот. Негова должност е да ги собира, а не да ги дели луѓето; и затоа не може да ги застапува интересите на само една идеолошки поврзана група, инаку нема да биде тоа што се претставува дека е. Многупати во мојата триесетгодишна служба сум го повторувал истото; не ми е тешко и уште еднаш; знам дека постојано доаѓаат и нови непросветлени генерации.“