Божествена Литургија на Крстовден (27.09.2025 12:02)
Денес, на празникот Воздвижение на Чесниот Крст Господов – Крстовден, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот на манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча.
Во беседата за празникот, Владиката рече:
„Крст се сите волни страдања кои преку аскетско-исихастичкиот подвиг ги преземаме на себе, со цел да си овозможиме услови за молитвено насочување на енергијата на нашиот ум кон нашето духовно срце, кон Царството Небесно, кон Бог. Прво волно страдање од сите нив е распнувањето на нашиот ум на крстот на послушанието, т.е. ставањето на нашиот ум во процес на исцеление преку послушание кон нашиот духовен отец, а преку него и ставање на нашата волја и желбите, како и целото наше тело, во процес на исцеление. Без распнувањето на нашиот ум, т.е. без одрекување од сопствените заклучоци, и без негово умртвување, т.е. одрекување од сопствената волја и желби, никогаш нема да ни се отвори вратата на нашето срце и никогаш не ќе може енергијата на нашиот ум собрано да се соедини со својата суштина во срцето, а преку неа и со Бог. Ваквото пребивање на енергијата на нашиот ум во гробот на срцето е предуслов за неговото воскресение. Таму каде што се соединуваат нашата создадена енергија со Божјата несоздадена, таму се случува и тајната на воскресението, тајната на преобразувањето и на новиот живот.
Крст се сите неволни страдања кои Бог ги допушта во нашиот живот со цел да ни овозможи услови за молитвено насочување на енергијата на нашиот ум кон нашето духовно срце, кон Царството Небесно, кон Себе. Тие страдања можат да бидат од секаков вид, најчесто, согласно страстите од кои боледуваме; и целат кон исцеление од тие страсти. Главна страст е самољубието, а тоа се дели на три главни потстрасти: славољубие, среброљубие и сластољубие. Ако некој не знае од каква страст боледува, тогаш нека се запраша од што најмногу се плаши, и точно ќе му се открие на што треба најмногу да обрне внимание; а може и да предвиди што ќе му се случи – без да има пророчки дар. Главна страст што секој човек ја има е гордоста – кога неговиот разум, и како тој ги гледа и разбира работите, му е главен критериум на сѐ видливо и невидливо. За постоењето на оваа страст нема потреба ни од интелигенција, ни од начитаност, ни од дипломи и звања, неа ја имаат и најнеписмените; но, за Бог да ги исцели од оваа страст им допушта на демоните – чии робови преку неа луѓето станале, да им го испревртат животот, та ни камен на камен да не остане од сите нивни замисли и планови за живот. Бог ги гледа и реди работите од перспектива на Царството Небесно, не од перпектива на овој привремен живот.
Значи, Крст се сите волни и неволни страдања кои по Божја Промисла ги доживуваме, со цел да ни се овозможат услови за молитвено насочување на енергијата на нашиот ум кон нашето духовно срце, кон Царството Небесно, кон Бог. Крстот е отсуство на расеаност на енергијата на нашиот ум и нејзина молитвена собраност во Бог. Расеаноста на истата, надвор од Бог, носи многу поголеми страдања“.