Божествена Литургија во Струмица (26.09.2025 12:23)
Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во црквата „Свети Григориј Палама и Свети вмч. Димитриј“, во Струмица, во сослужение на Архимандритот Вартоломеј од Манастирот Есфигмен на Света Гора, Архимандритот Никанор од Црногорскиот манастир од Бугарската Православна Црква, како и други свештенослужители од Струмичката епархија. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
На Литургијата Владиката го произнесе следното слово:
Во Црквата Божја смртта е само влез во Царството Небесно. Или умираме физички и влегуваме таму, или умираме аскетско-исихастички за овој свет, уште сега – само ако сакаме, и влегуваме во Царството Небесно, преку нашето очистено и отворено духовно срце. Речиси е исто – мислам на умирањето, но многу е подобар вториот начин – да умреме аскетско-исихастички за овој свет, уште сега, затоа што само преку ваквото умирање можеме да ја сведочиме Христовата Смрт, но и Христовото Воскресение – за спасение на сите што сакаат.
На пример, монахот оди во манастир и умира за овој свет; влегува во својата ќелија и умира за манастирот; и влегува молитвено во своето срце и умира за ќелијата. Слично може, ако сака, и оној што живее во светот. Царството Небесно – кое е внатре во нас (види: Лука 17, 21), во кое влегуваме преку умно-срдечната молитва уште во овој живот, има такво својство и таква сила што однатре го преобразува целиот наш живот, та истиот станува предвкус на вечниот.
Прашањето е како да учествуваме во животот на Царството Небесно без претходно физички да умреме или без претходно аскетско-исихастички да умреме за овој свет? Оваа можност ни се пружа единствено преку редовно учество во Светата Литургија (Евхаристија) на Црквата. Еве што слушаме во молитвата на Малиот Вход: „Боже свет, Ти си нѐ удостоил нас, смирените и недостојни слуги Твои, и во овој час да стоиме пред славата на светиот Твој жртвеник и да Ти принесуваме должно поклонение и славословие“. Малиот Вход е вознесение на Црквата пред престолот Божји – во Царството Небесно. Предуслов за редовно учество е да сме членови на Црквата и да го имаме ставено нашиот ум во процес на исцеление преку послушание кон својот духовен отец – Епископот на Локалната Црква.
Редовното учество во Литургијата на Црквата, покрај тоа што ни овозможува благодатно учество во севкупниот Христов живот, т.е. Домострој на нашето спасение – од Раѓањето, па преку Смртта и Воскресението, сѐ до Вознесението и седењето оддесно на Отецот, туку ни овозможува учество и во второто и славно Христово Пришествие; во воспоставувањето на Царство Небесно: „спомнувајќи си ја оваа спасителна заповед, а и сето она што заради нас стана – Крстот, Гробот, Симнувањето во адот, Тридневното Воскресение, Вознесението на Небесата, како и Второто и Славно Христово Пришествие, Твои дарови од Твоите на Тебе Ти принесуваме за сите и за сѐ“ (молитва од Канонот на Евхаристијата).
Бидејќи ви говорам за редовно учество, за редовно себепринесување, сакам да ве потсетам на деветтото Апостолско правило, кое вели дека: „Сите верни, кои влегуваат во црква и писмата ги слушаат, но не остануваат на молитвата и светото причестување до крајот, како оние кои безредие прават, да се одлачат од црковното општење“, т.е. не се сметаат за членови на Црквата. Истото го велат и други свети Канони на Црквата, како и сите Нејзини Свети отци.
Затоа и велам дека не може да се слуша духовник кој не е во послушание на својот Епископ – единствениот духовен отец на Локалната Црква, т.е. на Епархијата, а кој на темата причестување не учи како и неговиот Епископ. И не може да се слуша Епископ кој на темата причестување не учи како светите Канони и Светите отци на Црквата. Настрана што гласот на свештенослужителот, кој на Светата Литургија повикува – „со страв Божји, вера и љубов пристапете“, е глас на Самиот Христос; затоа што Христос е Тој што принесува и Се принесува, Кој прима и Се раздава (слушаме во молитвата од канонот на Евхаристијата). Христос е Тој што, всушност, ја служи Светата Литургија и секој Негов збор во неа е Негов и е извршен.
Гледате ли сега, мили мои, колку е милостив Господ, а колку сме ние за никаде; каде не се трудиме аскетско-исихастички да умреме за овој свет и гревот во него, па уште не ги слушаме и се правиме попаметни и од светите Канони и од Светите отци на Црквата – кои одредиле и колку точно да постиме, како точно да се подготвиме и кога точно да пристапиме за Причест, и на крај, никако не влегуваме во Царството Небесно, кое Он, со Своето страдање и Крв, на дар ни го обезбеди. Ваквото наше однесување е негирање на Христовата жртва за нас. Па, поголема хула на Светиот Дух од ваквото наше постапување не знам дали има?
Токму затоа и Господ го прекорува влезениот на Свадбата без свадбена облека: „Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена облека? А тој молчеше. Тогаш царот им рече на слугите: ’Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби!‘“ Немањето свадбена облека е присуство на Светата Литургија, а отсуство на желба за Причест. Иако, Господ со своето прашање му пружи можност да побара прошка и да се покае; но тој молчеше.