Божествена Литургија во Јаши, Романија
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Јаши, Романија (01.10.2025 12:42)

Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Светите Три Ерарси“, во Јаши, Романија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

На Литургијата Владиката се обрати кон верниот народ со следните зборови:

„Се сеќавате што ви говорев за енергетското растројство: енергетски растроен човек нема како да се соедини со Бог, Кој целата Своја енергија – без остаток, ја насочува кон секој еден од нас. Главниот пример на енергетско растројство што ви го посочив, а на кој најчесто ние паѓаме, е кога вината за што било ја лоцираме во другите, а не во самите себе. Штом вината ја лоцираме во другиот, барајќи ја само човечката правда, веднаш и најголемиот дел од сопствената енергија ја носочуваме кон „виновникот“, а останатиот дел го трошиме на погрешни сигнали – кон духовниот свет, кон нашите ближни и кон природата, како и кон погрешно насочената молитва – ако ни текне. Енергетското растројство е основа на душевното растројство и, општо, на растројството на личноста на човекот – создадена според образ и подобие Божјо. Човекот, чиј ум ја расејува својата енергија надвор од своето срце, губи команда над својата волја и своите желби – чиј центар е срцето, и на крајот, целиот се растројува и енергетски исцрпува, истрошува, истоштува. Потоа и се чудиме зошто сме постојано уморни и депресивни; и зошто не сме свои, туку правиме нешто што не сакаме, зборуваме нешто што не е соодветно и мислиме и чувствуваме нешто што не го контролираме – како да сме заробени. Човекот, кој во потрага по Божјата правда, вината за што било секогаш ја лоцира единствено во себе, енергијата на својот ум молитвено ја насочува кон своето духовно срце – кон Бог, а во тоа му помага и болката од претрпената неправда или тагата од сочувството за страдањата и неправдата што ја трпат другите. Но, бидејќи собрано и молитвено ја насочува енергијата на својот ум кон Бог, во своето срце, тој доживува енергетски препород преку процесот на преобразување. Несоздадената Божја енергија ја преобразува нашата создадена енергија и полека ѝ дава неограничени можности и сила. Тоа е и објаснување за натприродните способности на светителите на Црквата. Пресвета Богородице, спаси нас!“