Житие: Свети Филип, митрополит Московски
Роден е на 11 февруари 1507 година. Еднаш како млад стоејќи в црква слушна како свештеникот чита од Евангелието: „Никој не може да им служи на двајца господари“, се уплаши од овие зборови како да му се обраќаат посебно нему, во тој миг се просветли и замина во Соловецкиот манастир, каде што после долготрајно и тешко искушеништво се замонаши. Со време стана игумен, заблеска како сонце, и целата руска земја слушна за него. Затоа царот Иван Грозни и го доведе на испразнетото место на митрополитот Московски во 1566 година. Но овој свет човек не можеше рамнодушно да ги гледа стравотиите на грозниот цар, а го советуваше и неустрашливо го изобличуваше. Царот најде лажни сведоци против Филип, го симна и нареди да го облечат во просто искинато монашко расо, па го затвори во Твер, во 1569 година на 23 декември. Маљута Скуратов, еден царски довереник, дојде во келијата на Филип и го удави со перница. Но наскоро сите што беа против него завршија со зла смрт. А по неколку години телото на Светителот се најде цело и нетлено и благомирисно и го пренесоа во Соловецкиот манастир.
Тропар
На првопрестолните преемниче, столб на Православието, поборник на вистината, нов исповеднику, светителу Филипе, кој ја положи душата за паствата своја. Затоа, имајќи смелост пред Христа, моли се за престолниот град и народот, кои го почитуваат достојно твојот спомен.