Kako se pravi prosfora
 
 
 
 
 









Просфората се прави со молитва. За време на правењето на просфората молете се со Исусовата молитва: Господи Исусе Христе помилуј нѐ, бидејќи на светата Литургија просфората ќе стане Телото на нашиот Господ Исус Христос.

Состав

5 шолји брашно, 2 шолји млака вода, 1 лажичка сол, 1 коцка свеж квасец, печат

Начин на подготовка:

Квасецот растворете го во половина шолја млака вода, на ист начин како при подготовка на обичен леб. Во длабок сад ставете брашно, па во него направете мала вдлабнатина за солта. Убаво измешајте ја со брашното и додадете го  растворениот квасец. Полека се долева преостанатата вода, а потоа подолго време месете го тестото пазејќи да биде доволно цврсто.

Начин на обликување:

Тестото се дели на 5 еднакви делови. Од секој дел се прави по една просфора на следниот начин:

Се размесува топката тесто. Се става малку брашно на даската за месење и потоа од тестото со сукање низ дланките се извлекува нагоре. Потоа, на половина од така добената форма, тестото се истенчува на средина, со сукање меѓу малите прсти на двете дланки, при што се добиваат две споени, но посебни половинки. Еден врз друг, во форма на диск се сплеснуваат со внатрешниот дел на дланката, а не со прстите. Се обликува колку што е можно поправилна кружна форма на двата дела заедно. Потоа, просфората се превртува и уште еднаш се измазнува долниот дел. Сега, повторно се става малку брашно на даската за месење и се враќа просфората во претходната положба при што долниот дел лежи во брашното. Горната површина се измазнува со дланката и внимателно се удира печатот. Додека сето ова го правиме, во себе или тивко ја изговараме молитвата, со внимание.

Во посебен плех за таа намена, посипан со малку брашно се редат просфорите. Се печат во претходно добро загреана рерна, на тивко (150°С), околу еден час.

Месењето просфори е дел од Светото Предание на Православната Црква кое се пренесува личносно. Значи, правилното месење просфори најдобро се учи од некој којшто веќе тоа го прави или пак во манастир.