Житие: Светиот маченик Давид Алепски
Свети Давид Алепски го исповедал Православието и за Христос примил маченичка смрт. Тој имал семејство: жена и четири деца, а заедно со нив живеела и неговата стара мајка. Луѓето го почитувале како чесен и праведен човек, иако со избувлив карактер, но со цврсти убедувања, човек што секогаш пламено ја бранел правдата, колку и да го чинело тоа. Имал педесет години кога го погубиле. Поради тоа што не сакал да се потурчи, свети Давид два месеца поминал во затвор. Мачителите му ги скршиле нозете со метални прачки, ги воделе кај него неговата мајка и неговата жена и ги терале да стојат пред него и со солзи да го молат да се покори, макар привидно да се согласи да биде муслиманин, а во душата да остане христијанин. Но, Давид не ги слушал нивните воздишки и молби, и не одговорил на нивните прозби, иако му било неподносливо тешко да им предизвикува болка на блиските. Но Бог му давал сили и ја укрепувал неговата вера. До крајот останал непоколеблив во својата вера во Христос. Пред да биде погубен, извикал: „Не прифаќам никого, освен Христос!“ Тоа се случило на 15/28 јули 1660 година.