Житие: Светиот апостол Акила
Еден од Седумдесеттемина апостоли. Како Евреин живееше најнапред во Италија со жена му Прискила. Кога царот Клавдиј нареди да се протераат Евреите од Рим и од Италија, тогаш Акила се пресели во Коринт, каде што првпат го запозна апостолот Павле, кој остана во неговиот дом една и пол година и го крсти него и жена му. Горејќи од ревност за верата Христова Акила и Прискила го придружуваа Павле во Ефес и му помагаа во апостолското дело. Од Ефес Павле го напиша своето Прво послание до Коринтјаните, во кое при крајот вели: „Ве поздравуваат многу Акила и Прискила со својата домашна црква“ (16, 9). По смртта на царот Клавдиј, на Евреите им беше дозволено да се вратат во Италија, па Акила и Прискила се вратија во Рим. Потоа пишувајќи го Посланието до Римјаните од Коринт, Светиот апостол Павле ги поздрави своите стари пријатели и сотрудници: „Поздравете ги Прискила и Акила, помошниците мои во Христа Исуса, кои за душата моја своите гуши ги положија, на коишто не јас еден им благодарам, туку и сите цркви незнабожечки, и домашната црква нивна“ (16, 3 - 4). Подоцна повторно го гледаме Акила во Ефес, каде што дејствува заедно со Свети Тимотеј. Окован во Рим, Павле му пишува на Тимотеј во Ефес: „...поздрави ги Акила и Прискила“ (II Тим. 4, 19). Како епископ Акила крсти многумина и ги просвети со верата, урна идоли, соѕида храмови, постави свештеници и ја пронесе меѓу луѓето славата на Божјиот воплотен Син. Најпосле беше убиен од озлобените незнабожци и се пресели во Царството на Господ Христос.
Тропар
Христос Тајновидецот очите на разумот ви ги отвори, а Павле апостолот во верата ве утврди, о свети сопружници Акиле и Прискило, вие кои душите ваши за Христа ги обручивте, проповедта за Царството ја раширивте, за нас молете се, свети маченици, во стадото Христово да останеме.