Пролог: Преподобен Павле Препрост
 

 

Житие: Преподобен Павле Препрост

Календар, житија, пости
Почеток
 
Блажениот Павле имал дар на проѕорливост. Во една прилика, влегувајќи во еден манастир, застанал покрај црквата и набљудувал со какви мисли влегувале луѓето во неа. Имало вечерна служба и сите влегувале во црквата со ведри лица и светли души, и со секого од нив радосно влегувал и ангелот чувар. Но, еден брат одел во црквата со мрачно лице, потемнета душа, окружен од демони, при што секој го влечел при себе, а неговиот ангел чувар одел по него оддалеку, тажен и расплакан. Откако го видел тоа, светиот се ожалостил и многу тагувал за загубениот брат, од голема тага не влегол ни во црквата, туку седел надвор и плачел. Кога завршила црковната служба, сите браќа излегувале такви како што и влегле, озарени со Божествена светлина. Преподобниот Павле го здогледал и братот што при влегувањето во црквата бил мрачен и потемнет, но сега неговото лице било светло како на ангел, благодатта на Светиот Дух го осенувала, ангелот чувар радосно го држел за рака, а демонот оддалеку ридал и не можел ни најмалку да му се приближи. Забележувајќи ја оваа брза промена кај братот, блажениот се зарадувал, го запрел и пред сите раскажал што видел, па го прашал тој брат за причината на оваа ненадејна промена кај него. А тој, гледајќи дека е разоткриен преку Божјо откровение, пред сите раскажал сe за себе: „Јас сум многу грешен: многу години сe до денешниов ден поминав во нечистотија. Но, кога влегов во црквата, слушнав како го читаат пророкот Исаиј, или подобро – Бог, Кој преку него говори: ’Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; научете се да правите добро... Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур – како волна ќе станат бели‘ (Ис. 1, 16–18). Откако го слушнав тоа, мојата душа се потресе, ми се отворија духовните очи и јас, согледувајќи ја својата беда и погибел, воздивнав во своето срце и Му реков на Бог: ’Ти, Господи, си дошол во светот да ги спасиш грешниците, како што сега ми кажа преку Својот пророк; направи го тоа навистина со мене грешниот. Зашто, еве, ветувам дека отсега, со Твоја помош, не само што нема да правам никакво зло, туку ќе го отфрлам и секое беззаконие и ќе Ти послужам Тебе, Господи, со чиста совест; само Ти мене, што се каам, прими ме и не отфрлај ме мене, што паѓам пред Тебе‘. Со вакви ветувања, продолжил тој, излегов од црквата, решен во своето срце повеќе да не грешам пред Бог“. Откако го слушнале тоа, сите со силен глас Го прославиле Бог, Кој го прима секого што Му приоѓа со покајание.

Тропар
Кога постави стража на устата своја, Господ невеста ти подари заради несудење на ближниот, о Павле мудар оче наш, деца се изродија од бракот со смиреноста, и срцето стана широчина кое духот го вдомува, а оттаму победата Христова над противникот се возгласува. Во твојата простота, смирение и молитва измоли пред Господа милост за душата наша, свет оче наш.