Житие: Светиот апостол Ерма
Еден од Седумдесеттемина. Се спомнува во Посланието на Павле до Римјаните (16, 14). Родум беше Грк, но долго време живееше во Рим. Беше епископ во Филипопол, а животот го заврши маченички. Според откровение од ангел Божји ја состави многупоучната книга „Пастир“. Ерма беше богат човек, но заради гревовите на своите синови западна во крајна сиромаштија. Еднаш на молитва му се јави човек во бела облека со стап во рацете и му рече дека е тој ангелот на покајанието којшто нему му е пратен за да го придружува до крајот на животот. Ангелот му даде дванаесет заповеди: 1) да верува во Бога; 2) да живее во простота и невиност, да не злослови и да му дава милостиња на секого што проси; 3) да ја љуби вистината и да ја одбегнува лагата; 4) да го чува целомудрието во помислите; 5) да се учи на трпение и великодушност; 6) да знае дека покрај секој човек е поставен еден добар и еден зол дух; 7) да се плаши од Бога и да не се плаши од ѓаволот; 8) да прави секакво добро и да се воздржува од секое зло; 9) да Му се моли на Бога од длабочината на душата со вера; 10) да се чува од тагата, која е сестра на сомнежот и гневот; 11) да ги испитува вистинитите и лажните пророштва; 12) да се чува од секоја зла желба.
Тропар
Како огнот што го загрева железото, така благодатта срцето човеково, за да го покаже сето она што е нечисто, о Ермо велики, Бог те ослободи од робувањето на овој свет, за ангел да ти испрати. Пастиру Божји, дванаесет заповеди како на круна бисери, објави на оние кои стојат на молитва, да бидат светилници на патот на спасението.