Пролог: Преподобен Серапион Синдонит
 

 

Житие: Преподобен Серапион Синдонит

Календар, житија, пости
Почеток
 
Синдон значи крпа платно. Овој светител е наречен Синдонит, бидејќи својата голотија ја покриваше само со една крпа платно. Во раката носеше Евангелие. Серапион живееше како птица, без покрив и без грижи, преоѓајќи од место на место. Својот синдон му го даде на еден бедник којшто трепереше на мразот, а самиот остана сосем гол. Кога некој го запраша: „Серапионе, кој те разголе?“ Тој покажа на Евангелието и рече: „Ова!“ Но потоа и Евангелието го даде за откуп на некој задолжен човек, когошто доверителот го гонеше во затвор заради долгот. Еднаш во Атина четири дена не јадеше ништо бидејќи немаше ништо и почна да вика од глад. Кога атинските философи го прашаа зошто вика, тој одговори: „На тројца им бев должен, двајца ги подмирив, а третиот уште ме мачи. Првиот заемодавец е телесната похот, која ме мачеше во младоста; вториот среброљубието, а третиот стомакот.“ Философите му дадоа златник да си купи леб. Тој отиде кај пекарот, си купи само еден леб, го остави златникот и си отиде. На старост мирно се престави кај Господ, во 5 век.

Тропар
Блажен си, оче Серапионе, бидејќи радоста на бестрастието ти беше подарена, и солзите на утехата лицето твое го красеа. Подобието твое на Христа угодно, молитвено денес нe закрилува, и пример за врлински живот имаме, од кој, оче свети, моли се да не отстапиме, за Бога да Го прославиме во вечни векови.