Пролог: Светиот маченик Кодрат Коринтски и другите со него
 

 

Житие: Светиот маченик Кодрат Коринтски и другите со него

Календар, житија, пости
Почеток
 
За време на гонењето на христијаните многумина верни се разбегаа по планините и по пештерите. Така направи и мајката на овој Кодрат. Но токму во тоа време беше бремена, па во шумата го роди Кодрат и наскоро умре. По Божја Промисла и чуван од ангелот чувар, хранет и воден, Кодрат порасна во осаменост во природата. Оној Кој му даваше манна од небото на Израилот во пустината, му пушташе и на младенецот Кодрат слатка роса од облаците на усните. Кога имаше дванаесет години тој слезе в град и таму едни добри луѓе го засакаа и го дадоа да учи. Тој ја изучи лекарската вештина и ги лечеше болните колку со природните лекови толку, но и уште повеќе, со молитвата на која се привикна од детството. Кога настана ново гонење под Декиј, Кодрат беше изведен на суд и фрлен во затвор. Нему му се придружија и петмина негови другари и го исповедаа името Христово. Тие беа Кипријан, Дионисиј, Анект, Павле и Крискент. Незнабожците ги влечеа по улиците и, особено нивните деца, ги биеја со стапови и со камења дури не ги одвлекоа до губилиштето. Мачениците Му се помолија на Бога, па беа обезглавени. На тоа место изби извор со вода, којшто и денес го носи името Кодратов и потсетува на херојската смрт за Христа на овие шесточисленици. Пострадаа чесно за вистината во 250 година во Коринт, во времето на царот Декиј и неговиот намесник Јасон.

Тропар
О Кодрате свет оче наш, подигнат во пустината од Оној Кој го знае почетокот и крајот на животот, умудрен да станеш пастир на многумина, ги научи на тебе доверените да добијат чест за верата и слава за мачеништвото, моли се Божји помазанику, Христос за нас да покаже милост голема, и да ги спаси нашите души по твоите свети молитви.