Пролог: Светиот пророк Самуил
 

 

Житие: Светиот пророк Самуил

Календар, житија, пости
Почеток
 
Петнаесетти и последен од Судиите на Израилот. Живееше илјада и сто години пред Христа. Роден е во племето Левиево, од родителите Елкан и Ана, во местото Рамат или Ариматеја, каде што подоцна се роди и благообразниот Јосиф. Бездетната Ана со солзи го измоли Самуил од Бога и штом наполни три години Му Го посвети на Бога. Самуил живееше во Силоам крај ковчегот на заветот, а кога имаше дванаесет години имаше вистинско откровение од Бога за казната што му претстои на домот на првосвештеникот Илија заради расипаноста на неговите синови Офин и Финес. Тоа откровение наскоро и се изврши: Филистејците ги избија Израилците, ги убија обајцата синови на Илија и го запленија ковчегот на заветот. Кога гласникот му ја соопшти оваа вест на Илија, тој падна мртов на земја и издивна на деведесет и осумгодишна старост. А тоа истото се случи и со неговата снаа, жената на Финес. Оттогаш дваесет години Израилците им робуваа на Филистејците. По овој рок му го испрати Бог на народот Самуил за да му проповеда покајание, ако сака да биде избавен од своите непријатели. И народот се покаја и ги отфрли туѓите идоли на коишто им служеше и го призна Самуил за пророк, свештеник и судија. Тогаш Самуил појде со војска против Филистејците и со Божја помош ги збуни, и ги уби, и ги ослободи земјата и народот. Потоа мирно му судеше на народот до својата старост. Гледајќи го дека остаре, народот му рече да им постави цар наместо себеси. Самул го одвраќаше народот од ова велејќи им дека единствен нивни цар е Бог, но народот остана упорен во ова барање. Иако ова Му беше неугодно на Бога, Бог му нареди на Самуил и им го помаза за цар Саул, Кисовиот син, од Венијаминовото племе. Саул царуваше кратко време и Бог го отфрли заради неговата непослушност и дрскост, па му нареди на Самуил Давид Јесеев да биде помазан за цар наместо Саул. Пред својата смрт Самуил го собра сиот народ и се прости со нив. А кога умре, по него плачеше сиот Израил, а го погребаа чесно во неговиот дом во Рама.

Тропар
Ах, Господи Боже наш, народ не Те послуша, наместо љубов, власт над себе од човек побара, да го води на каде не сака, да не се прашува каква е Божјата волја. Самуиле, Самуиле, пророче на Животот во векови, и денес опомена од тебе како знаме развива: на Бога, народе, во љубов да послужите, за семето ваше да преживее, едни со други да се љубите, затоа што само така Царство ќе наследите.